Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими Александра Давчева која е дел од настанот ,,Аамбасадорка на еден ден” во кој македонски млади луѓе дознаваат како е да се врши функцијата амбасадор.
,,Восхитува младешката енергија на Александра Давчева која целосно ја насочила кон одговорната функција да биде британска амбасадорка на еден ден. Разговарајќи со неа ме увери дека денешното искуство може да ја мотивира еден ден да стане вистинска македонска амбасадорка.

Александра, како што рече црпи инспирација од Ада Лавлејс, англиска математичарка и писателка, која живеејќи во општество со бариери, се спротивставила на стереотипот дека програмирањето е машка професија и станала симбол за сите научни и технолошки достигнувања на жените. Со нејзиниот есеј „Кралицата на компјутерското програмирање“, Александра стана дел од глобалната иницијатива #GirlsTakeOver и на еден ден беше на моќна позиција”, објави претседателката Сиљановска Давкова по средбата со младата Александра која била придружувана од вистинскиот британски амбасадор во Македонија.

,,Средбата ја искористив на амбасадорот Метју Лосон лично да му се заблагодарам, не само за изразеното сочувство од Кралот Чарлс Трети, туку и за подготвеноста на Обединетото Кралство да помогне и во процесот на рехабилитација на повредените во катастрофалниот пожар во Кочани. Пријателите ни се повеќе од неопходни. Ваква голема трагедија никој не може да надмине сам”, порачува претседателката по средбата.







