Куќен притвор за двајца ексградоначалници и поранешна директорка на ДПИ за пожарот во кочанската дискотека

Постапувајќи по поднесени жалби од вкупно 17 осомничени, Основниот суд Кочани ги одби жалбите на 14 лица и ја потврди мерката притвор. 



„За 3 лица мерката ефективен ја замени со куќен притвор. За двајца од нив, поранешни градоначалници на Кочани, ОЈО Кочани вложи жалба пред Апелацискиот суд Штип и побара да опстои мерката ефективен притвор“, велат од Обвинителството. 

ОЈО не вложило жалба за куќниот притвор на поранешна директорка на ДПИ, поради тоа што изнела околности и причини поради кои обвинителството е согласно со поблага мерка за неа.

Од кочанскиот суд ја потврдуваат информацијата дека само три жалби биле прифатени, а за две во најбрз можен рок ќе одлучува штипска Апелација.

„Беа поднесени 22 жалби за веќе определен притвор, три од нив се прифатени и за три лица ефективниот притвор е преиначен во куќен. Останатите остануваат во претходно определениот притвор од 30 дена“ велат за Алфа од судот.

Додаваат дека судечкиот советот сметал дека истата цел ќе биде постигната и со мерката куќен притвор како и со ефективен.

Во пожарот кој се случи на 16 март годинава во дискотеката Пулс во Кочани загинаа 59 млади луѓе, а има и голем број повредени.