Таравари: Денеска се враќаат 5 пациенти што се лекуваа во странство

Министерот за здравство, Арбен Таравари соопшти дека четворица пациенти од Шпанија и еден од Грција се враќаат денеска и првите 24 часа ќе бидат сместени во домашните клиники.



„Вчера се вратија еден пациент од Србија и еден од Бугарија. Бројката на пациенти кои во овој момент се лекуваат во странство е 113, а со овие пет што ги очекуваме денеска, ќе падне на 108. Трендот на пациенти кои се подготвуваат за враќање се зголемува“, информираше министерот.

Во домашните болници во моментов се лекуваат 23 пациенти кои беа повредени во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

„Четворица во Клинички центар, по двајца на Пластична и реконструктивна хирургија и двајца на Токсикологија. Во стара Градска болница се шест пациенти, во „8 Септември“ се девет од кои еден денеска ќе биде испишан и во „Систина“ се четворица. Сите се наоѓаатво стабилна, добра состојба“, истакна министерот за здравство.