Напаѓачот на фудбалската репрезентација на Македонија, Бојан Миовски, на натпреварот со Велс од квалификациите за Светското првенство 2026 вечерва од 20:45 часот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје ќе настапи со специјални копачки во знак на почит за настраданите во Кочани.
„Има приказна зад секоја личност и секој човек има свое патување.
Навраќајќи се во моето детство додека ги држев моите први копачки, се сетив дека кажав нешто што длабоко посакував: ‘Еден ден со цело срце ќе играм за мојата земја“ и еве ме… По долги години играње за Македонија, мојата земја, бисерот на Балканот.
Овие специјализирани копачки имаат исклучително значење, со свето нешто – моето национално знаме и иницијалите на моето семејство…
На денешниот натпревар за репрезентацијата ќе ги носам во чест и сеќавање за сите што ги загубивме на 16.03.2025 година, за сите кои сè уште се борат за своите животи и за сите семејства.
Нека почиваат во вечен мир упокоените души.
Молитви за повредените“, напиша на Икс стрелецот на 7 гола во досегашните 30 настапи за Македонија.






