Од април ќе се исплаќа законски предвидениот минималец или околу 2.200 денари повеќе од сегашната минимална плата, рече денеска премиерот Хртистијан Мицкоски. Според него, доколку следните месеци дојде до договор меѓу работниците и работодавачите за повисок износ, ќе се направат законски измени и дополнително нивелирање.
– Денеска имаме владина седница, разговарав со министерот за економија, ќе поминеме информација. Согласно Законот мислам дека минималната плата ќе се зголеми на ниво од 24 400, така е според Законот. Немаме репрезентативен синдикат во Економско-социјалниот совет, се формираше Комисија која ќе ја утврди репрезентативноста. Се надевам дека наскоро тие што ќе бидат репрезентативни претставници на работниците заедно со работодавачите ќе постигнат консензус, а ние тој консензус ќе го почитуваме. Ако се договарат за поголема сума, ќе го промениме Законот и ќе навлеземе во дополнително нивелирање – истакна Мицкоски, одговорајќи на новинарски прашања по поставувањето на камен-темелникот на мега-паркот во Радишани.






