Општина Тетово издвои 1,2 милиони денари за настраданите во Кочани

На вонредна седница денеска Советот на Општина Тетово едногласно донесе одлука за доделување парична помош од 1,2 милиони денари за семејствата на загинатите и на повредените во трагедијата на 16 март во Кочани.



Од општинската Канцеларија за комуникации и односи со јавноста потенцираат дека оваа одлука не е само материјална поддршка, таа е моќна порака за заедништво и емпатија, што докажува дека Општина Тетово стои до оние кои минуваат низ тешки моменти.

„Во овие моменти на тага и болка, оваа помош ја надминува паричната вредност – го симболизира духот на хуманоста и силата на солидарноста, покажувајќи дека заедно можеме да се соочиме со секој предизвик. Тетово отсекогаш докажуваше дека не е само град, туку заедница што се здружува во најтешките моменти“, се вели во соопштението.

Во него се наведува дека Општина Тетово останува посветена во секој момент да биде блиску до граѓаните, „докажувајќи дека солидарноста е темелот врз кој градиме поправедно и посочувствително општество“.