„Македонскиот политички естаблишмент 35 години се обидува да ги заштити истите вредности од комунистичката ера. Нивната главна цел е да обезбедат континуитет на политичката моќ, која ја отфрла демократизацијата на земјата, покривајќи го ова со албанска и бугарска опасност, како и со наводната заштита на загрозениот македонски етнички идентитет. Овој систем е духовно против европските вредности, тие не градат држава за луѓето во земјата, туку за нивната идеолошка, етничка и верска секта! Кочанската трагедија со 59 жртви и над 100 повредени е од драматични размери за земја со милион и пол жители. Но режимот не разбра дека насилството ќе биде запрено. Ќе видиме дали овојпат електричната инсталација ќе биде виновна за загубата на 59 млади животи, како во случајот со Модуларната болница во Тетово.“ – наведува новинарот Насер Селмани, поранешен претседател на Здружението на новинари на Македонија, во својата колумна со наслов „Кој нѐ убива веќе 35 години?“. Селмани наметнува дилема: кое е поконкретното и подиректно значење на неговиот став дека „овој систем не гради држава за луѓето во земјата, туку за нивната идеолошка, етничка и верска секта“?! Кого, или кои, ги означува Селмани со формулацијата „етничка и верска секта“? Исто така, какво е значењето и на неговата порака до „режимот дека не разбрал оти насилството ќе биде запрено, ќе видиме дали овојпат електричната инсталација ќе биде виновна за загубата на 59 млади животи, како во случајот со Модуларната болница во Тетово“? Ова е порака, или некаква закана до некого, но и кого авторот на оваа колумна го смета дека е „режим“?
Покрај другото, во оваа колумна, која ја објави весникот на албански јазик „Лајм“, Насер Селмани пишува: Кочанската трагедија со 59 жртви и над 100 повредени е од драматични размери за земја со милион и пол жители. Трагедијата е уште потешка, бидејќи најголемиот дел од жртвите и повредените се млади. Ние сме земја, во која се убива нејзината иднина, поради неспособноста на институциите и екстремното ниво на корупција. Оваа драма, во овој караван на трагедии, не е прва. Често се случувале слични трагедии, тие започнаа уште во 1993 година со воздушните катастрофи во Охрид и Скопје, во кои животите ги загубија 200 патници. Трагедиите се повторуваат, бидејќи системот никогаш не успеа целосно да ги разоткрие и да ги казни насилниците. Не да се одмаздиме, туку да ги научиме сите други дека за грешките следат казни.
Нашите трагедии никогаш не престануваат. Секој од нас бара одговор зошто тие ни се повторуваат. Причините се многубројни и многу сложени. Транзицијата од комунизам во демократија се уште не е завршена во * Македонија. Од идеолошки и етнички причини тогашните лидери решија да изградат хибриден модел на демократија, сличен на Србија и Русија, кој нема да им служи на граѓаните, дури ни на Македонците, а за Албанците воопшто и не станува збор.
Македонскиот политички естаблишмент 35 години се обидува да ги заштити истите вредности од комунистичката ера. Нивната главна цел е да обезбедат континуитет на политичката моќ, која ја отфрла демократизацијата на земјата, покривајќи го ова со албанска и бугарска опасност, како и со наводната заштита на загрозениот македонски етнички идентитет. Овој систем е духовно против европските вредности, како што се владеењето на правото и човековите права, бидејќи тие не градат држава за луѓето во земјата, туку за нивната идеолошка, етничка и верска секта.
Со контролирање на политичката моќ и економските ресурси, режимот што излезе од комунизмот, во меѓувреме разубавен со демократска маска, успеа да го криминализира огромното мнозинство од општеството. Криминалот и корупцијата во * Македонија не се само феномен на системот, туку и самиот систем на владеење. Самиот систем ги корумпира луѓето, за да ги дискредитира, па да може подоцна да ги уценува, користејќи ги како инструменти за одржување на замислената контрола на моќта. Оваа власт е на политичката секта и ѝ служи на неа, а не на граѓаните, без разлика дали се Македонци, Албанци или други. Затоа, граѓаните, без разлика на етничката припадност, страдаат од банални инциденти, а режимот секогаш ги амнестира виновниците, злоупотребувајќи ги во нивната игра, за да го контролира системот. Не е важен народот, туку режимот!
Но режимот не разбра дека насилството ќе биде запрено. Ќе видиме дали овојпат електричната инсталација ќе биде виновна за загубата на 59 млади животи, како во случајот со Модуларната болница во Тетово.
Каде е одговорноста на Албанците во целата оваа каша? Албанските политички елити, особено ДУИ, која беше дел од владата 22 години, не одолеа на искушението на понудата на режимот да ги корумпира. Наместо да им служат на Албанците и награѓаните на државата, тие влегоа во орото на корупцијата, легитимирајќи ги криминалот и корупцијата. Што може да направи Владата! Да ги расветли сите трагедии, во кои што изгубивме животи, и да ги казниме сите виновници. Сега е пресвртната точка и моментот на вистината. Да ѝ каже стоп на корупцијата и да отвори нова страница во историјата на * Македонија, за да стане таа земја, во која криминалците и корумпираните завршуваат во затвор.






