Пред заминувањето на дел од нивните тимови македонската претседателка Гордана Силјановска Давкова ги прими и им се заблагодари на членовите на странските медицински тимови кои пристигнаа да помогнат во лекувањето на стотината повредени од Кочани кои се лекуваат во Македонија.
Покрај израелскиот и чешкиот тим во Македонија активна помош даваа и српски лекари и медицински персонал кои предходно заминаа дома.

,,Имав особена чест да ги примам медицинските тимови од Државата Израел (16 члена) и Чешката Република (6 члена), во придружба на нивните амбасадори, пред заминувањето.

Тие, заедно со веќе заминатиот српски медицински тим од ВМА, извршија стотина операции во соработка со македонските лекари.
Се работи за лекари со врвно знаење, професионалност, хуманост, пожртвуваност и етика. Убаво е да се чујат комплименти за нашите лекари, како и изразена спремност за нивна едукација.

По она што го чув од нив, не можев да најдам соодветни зборови за да им изразам должна благодарност.
Од срце им благодарам за херојскиот ангажман во спасувањето на животите на настраданите во апокалиптичниот пожар. Никогаш нема да го заборавам нивниот несебичен лекарски потфат”, објави претседателката Гордана Сиљановска Давкова по средбата со медицинските тимови од Израел и Чешка.
Дел од израелскиот тим според министерството за здравство се уште е во Македонија а во меѓувреме во Македонија пристигнале и британски консултанти кои што ќе прават среднорочен план за лекување на повредените.






