Шкотска не дозволи македонските фудбалски надежи да играат во темни дресови за Кочани

Фудбалските репрезентации на Шкотска и на Македонија до 17 години одиграа нерешено 2:2 на стартот од квалификацискиот турнир во Глазгов за пласман во А-лигата за Европското првенство, а дамка врз натпреварот остави одбивањето на домаќинот македонскиот тим да настапи во темни дресови поради трагедијата во Кочани.



Наместо тоа, избраниците на селекторот Димитар Капинковски играа во бела опрема и поведоа преку Кристијан Маркоски во 40. минута, пред Шкотите да направат пресврт со головите на Флечер Бојд во 52. минута и на Тејлор Хогарт во 80. минута, за три минути подоцна бод на Македонија да ѝ донесе Љорент Жаку.

Во другиот меч од групата Романија со 10:0 го „прегази“ Лихтенштајн, следниот ривал на „црвено-жолтите“ на 22 март.

Само првопласираната селекција ќе продолжи во А-квалификациите за ЕП.

Македонските надежи на турнирот во Камбернолд имаат поддршка од легендите Горан Пандев и Ѓорѓи Христов.