Судија на претходна постапка им определи „краткотреаен притвор“ од 48 часа на поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, на поранешниот директор на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски, на поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување Беким Максути, како и на уште 11 лица осомничени за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Екс министерот Бектеши беше приведен во врска со нелегалната лиценца за кабаре што ја имала фирмата „ММММ Кафе“ ДООЕЛ Кочани за клубот „Пулс“ – документ кој бил издаден на 13 март 2024 година, кога со Министерството за економија раководеше Крешник Бектеши, а потпишан од страна на тогашната државната секретарка Размена Чекиќ-Дуровиќ.
Во пожарот во дискотеката животот го загубија 59 лица, а 155 беа повредени.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски соопшти дека 14 лица се осомничени за „тешки дела против општата безбедност“ по член 292 од Кривичниот законик со затворска казна од најмалку три години без горна граница, која може да достигне и до 20 години.
„Доцна синоќа завршија сите рочишта во кои е изречена мерката, со што постапката за досега предложените мерки е завршена. Основниот суд во Кочани продолжува да постапува по предлозите и барањата на Обвинителството“, велат од судот во Кочани.





