БНТ: Во тешка состојба повредените од пожарот пренесени во Бугарија

Сите повредени во пожарот во Кочани кои се пренесени на лекување во Бугарија, се во многу лоша состојба, посочил директорот на болницата „Пирогов“ на брифинг со новинарите. Тој инфорира дека во текот на ноќта кај нив биле примени 8 пациенти, од кои 3 се деца до 18 години и 5 пациенти со просечна возраст од 20-25 години. Најстариот има 31 година.



„Сите се во тешка состојба освен едно дете, кое е на педијатриска интензивна нега. Сите останати се на интензивна нега на клиниката за изгореници, односно детското одделение и одделението за возрасни и се во исклучително тешка состојба. Тројца од нив се интубирани, а за останатите се уште се прават проценки што да се прави. Лезиите се изгореници на телото, горните екстремитети и лицето. Сите имаат изгореници со вдишување на горните и долните дишни патишта, што е многу сериозна состојба“, изјави Валентин Димитров директор на „Пирогов“, пренесе БНТ.

„Ќе се направи се што е потребно“, уверува тој.

Вчера со бугарски воен авион во Бугарија беа пренесени осум лица кои настрадаа во пожарот во Кочани.

Петмина од нив, како што објавија од бугарското Министерство за здравство, се сместени во УМБАЛСМ „Н. И. Пирогов“.

Уште тројца со тешки изгореници, ќе бидат лекувани во болницата Варна во Военомедицинска академија.

Од вкупно 14 кои се лекуваат во Бугарија, тројца се пренесени во УМБАЛ Свети Георги во Пловдив.