ВМРО-ДПМНЕ до ДУИ и СДС: Ова е борба на народот против корумпираните кои создадоа чудовиште од од системот

„Насочени сме исклучиво кон вистината, одговорноста и правдата за жртвите и нивните семејства. Во овие моменти на длабока тага, кога Македонија тагува за изгубените животи, не ни паѓа на памет да се впуштаме во политички препукувања. Ова не е битка меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДС, туку битка на чесните против нечесните, на одговорноста против неодговорноста.“ – реагира владејачката македонска партија ВМРО ДПМНЕ.



Натаму, ВМРО ДПМНЕ истакнува: Длабоко го почитуваме тоа што го кажува СДС и уверуваме дека сите аспекти од кажаното ги имаме во предвид при нашите одлуки и дејствувања. Институциите работат со целосна посветеност на расветлување на сите околности, ќе одговара секој што има одговорност, без разлика на политичка или друга припадност. Жалиме ако се здобил впечаток на меѓупартиско препукување. Насочени сме исклучиво кон вистината, одговорноста и правдата за жртвите и нивните семејства. Ова не е време за политички калкулации, туку за единство, солидарност и решеност да ја надминеме оваа трагедија со достоинство.

Македонија мора да остане силна и да победи во оваа битка против тридецениски создаваниот зол и корумпиран систем. Борбата против криминалот нема боја, раса или припадност. Иако за жал на СДС и ДУИ, има. И оваа тема ја делат на наша и ваша, Македонци и Албанци, велат од ВМРО-ДПМНЕ по синоќешната изјава на потпретседателот на ДУИ Арбер Адеми пред полициската станица „Карпош“. Адеми изрази жалење, поради тешката трагедија во дискотеката „Пулс“ во Кочани, но и упати критики, бидејќи неговиот сопартиец и поранешен министер Крешник Бектеши бил повикан на распит во полициска станица.

Според ВМРО ДПМНЕ, ова е борба на народот против корумпираните, кои создадоа чудовиште од системот, што убива поради корупција. „Нема осуда и оградување од партијата, која стана лулка на криминалот. Тоа нема да ги спаси од одговорност.“ – предупреди ВМРО-ДПМНЕ.