„Кога политичкиот лидер се чувствува немоќен, неговото последно средство е да создаде криза. Гледајќи дека ја губи контролата врз политичкиот терен и со намера да ја зачува својата политичка моќ, Албин Курти се обидува да го претвори политичкиот ќорсокак, во кој се наоѓа Косово, во нов оружен судир со Србија! Курти смета дека новата војна ќе ги вклучи Албанија, албанското иселеништво и Албанците од * Македонија, создавајќи ситуација, во која Косово ќе стане епицентар на голема албанска национална кауза. А оти тој ќе стане ‘цар на војната’! Ова е стратегија на свршен чин: да се разгори оружен судир, при што Албанија, Албанците од * Македонија и од иселеништвото ќе бидат принудени да се вклучат во тој оружен судир. Но Албанија и албанскиот чинител мора да реагираат мудро и да избегнат да станат плен на вакво опасно сценарио. Тирана мора јасно да стави до знаење дека некоординирана војна не е во национален интерес. Албанското иселеништво мора да одбие да стане алатка за политичка манипулација за војна, која нема гаранција за успех, туку само за уништување. Албанците од Македонија мора да го задржат единството и да избегнат вмешување во војна, која може да ја влоши нивната политичка и геополитичка позиција! Албанците од * Македонија многу добро знаат дека нивната вмешаност може да предизвика верижна реакција, која ќе ги претвори во објект на меѓународен притисок и државни закани!“ – со овој остар напад кон Албин Курти, лидерот на косовската партија Ветвендосје (Самоопределување) и се уште премиер на Косово, но и со драматичните предупредувања дека тој посакува во новата балканска војна принудно да бидат вовлечени и Република Македонија и Албанците, што живеат во неа, се огласи Батон Хаџиу од Косово, новинар на Еуроњуз од Албанија и генерален директор на информативниот портал „Албанијан пост“. Хаџиу ги изнесе овие ставови во својата колумна со наслов „Косово наспроти Трамп: да го одбиеш, или да ја играш неговата игра?“, која ја објави информативната агенција на албански јазик Илирија-ИНА од Скопје.
Хаџиу пишува: Со непредвидливиот претседател во Вашингтон Косово го нема луксузот да се однесува како да нема криза. Партиите не треба да ја играат идеолошката игра на Албин Курти. Доналд Трамп не е како Џо Бајден. Не е ни како Европската Унија. Него не го интересираат долгите преговарачки процеси. Тој ќе понуди договор и ќе рече: „Земи го или остави го“. Како треба да се однесува Косово? Треба да се одржи линијата со САД без да се создаваат отворени судири. Енергично да лобира за поддршка во администрацијата на Трамп. Да се осигури дека не влегува во играта само како гледач на една готова зделка. Ако Косово не ја игра паметно својата игра, тогаш Трамп ќе го третира како мал бизнис, кој може да се затвори со една единствена одлука. Ова не е идеолошко прашање. Се работи за преживување на државата.
Албин Курти и Александар Вучиќ, двајца лидери, кои можеби сакаат војна од различни причини, отворено зборуваат за тоа. Со различен говор. Во овој политички ќорсокак се случува нешто парадоксално. И Курти и Вучиќ, на различни начини, можеби посакуваат оружен судир. Вучиќ сака да го искористи како карта, за да собере поголема поддршка од Русија и да ја претстави Србија како жртва на албанската агресија. Курти може да го гледа тоа како последно средство за зачувување на неговата политичка моќ, создавајќи идеја дека Косово е во опасност и оти тој е единствениот, кој може да го заштити. Сфатија и двајцата лидери дека во моментот кога нивната моќ ќе почне да слабее нова криза може да ги зајакне нивните позиции на власт.
Кој сака војна и кој ја плаќа нејзината цена?
Косово веќе е во политички ќорсокак, а Курти се обидува да го претвори овој ќорсокак во конфронтација со Србија, надевајќи се дека тоа ќе го одржи силен на политичката сцена. Свесен за оваа реторика, Вучиќ ја храни со постојани провокации на северот, знаејќи дека Курти може да падне во неговата стапица. Но, Косово го нема луксузот да влезе во војна. Еден мрачен елемент се повеќе се појавува во политичкиот говор: реториката на војната. Кога политичкиот лидер се чувствува немоќен, неговото последно средство е да создаде криза. Албин Курти, гледајќи дека ја губи контролата врз политичкиот терен, се обидува да ја пренасочи расправата од неуспехот да се формира влада врз опасноста од нов судир со Србија.
Ако ја следиме оваа логика, Курти смета дека новата војна ќе ги вклучи Албанија, албанското иселеништво и Албанците од * Македонија, создавајќи ситуација, во која Косово ќе стане епицентар на голема албанска национална кауза. И тој станува „цар на војната“. Ако логиката на Албин Курти ескалира до точката каде што тој се стреми да предизвика оружен судир, за да го осигури своето политичко прежување, тогаш тој нема да бара војна само за Косово, туку ќе се обиде насилно да ги вовлече сите во неа. Ова е стратегија на свршен чин: да се разгори оружен судир, при што Албанија, Албанците од * Македонија и од иселеништвото повеќе нема да имаат луксуз на избор, туку ќе бидат принудени да се вклучат во тој оружен судир.
Но, што ќе се случи тогаш? Дали Албанија е подготвена да влезе во нова војна поради политичка погрешна пресметка на еден косовски лидер? Може ли иселеништвото, кое помогна за последната војна, да прифати нова конфронтација во една реалност, во која Западот веќе го нема истиот поддржувачки пристап како во 1998-1999 година? Како ќе реагираат Албанците од * Македонија, кои многу добро знаат дека нивната вмешаност може да предизвика верижна реакција, која ќе ги претвори во објект на меѓународен притисок и државни закани?
Во оваа ситуација Албанија и албанскиот чинител мора да реагираат мудро и прагматично, избегнувајќи да станат плен на вакво опасно сценарио. Тирана мора јасно да стави до знаење дека некоординирана војна не е во национален интерес. Иселеништвото мора да одбие да стане алатка за политичка манипулација за војна, која нема гаранција за успех, туку само за уништување. Албанците од Македонија мора да го задржат единството и да избегнат вмешување во војна, која може да ја влоши нивната политичка и геополитичка позиција. Курти може да посакува да стане „цар на војната“, но Албанија не може да стане војник на лидер кој мисли за својата лична моќ, а не за националниот интерес. Ова е опасна и пред се погрешна пресметка. Оние, кои денес најмногу плачат за војна, се токму тие, кои не ја видоа војната одблизу во 1998-1999 година.
Експертот за безбедност Арбер Ахмети најдобро ја опиша оваа реалност: „Во 1999 година војната се одвиваше главно во селските области, бидејќи српските сили имаа целосна контрола над градовите и инфраструктурата беше поинаква. Денес новиот судир нема да поштеди никого, а градските центри ќе бидат на првата линија на војната“. Во својата анализа за хибридните војни во Балканот американскиот експерт Тимоти Лес предупредува дека идните судири во овој регион повеќе нема да бидат конвенционални, туку водени од софистицирани технолошки интервенции и политичка пропаганда. Тоа значи дека реториката за војна нема да му помогне на Косово, туку само ќе го изолира и ќе го направи поранливо на внатрешна дестабилизација и надворешно мешање. Затоа, на Косово не му треба војна. На Косово му треба разум.
Време е да заврши ова лицемерие во земјата, во која најгласно викаат за војна, оние кои не се бореле, а оние, кои некогаш се бореле, денес молчат, затоа што знаат што значи војна. Трамп и Вучиќ немаат потреба да измислуваат судир за Косово. Ако продолжат политичките лидери во Приштина по овој пат, тогаш тие самите ќе го создадат. Сега или Косово ќе најде начин да дејствува, или Трамп и Вучиќ ќе го решат проблемот без него. И тоа решение нема да биде добро за нас.





