РСЕ: За едни затвор за други домашен притвор за исто дело

По акцијата на полицијата по наредба на ОЈО ГОКК за гонење на организиран криминал и корупција за малверзации со набавка на мазаут за ТЕЦ Неготино, се покажа ако функционираат некои обвинители и судии.



Осомничени се 13 лица, меѓу кои, двајца сопственици на нафтени компании и поранешен директор на ЕСМ, кои го оштетиле буџетот на државата за над 167 милиони евра.

Беа приведени 11 лица. На Ратко Капушевски, Адриан Муча и Ерџан Сулкоски им е определен притвор, соопшти кривичниот суд во Скопје. Притворот е определен поради опасност од бегство и влијание врз сведоци, се вели во анализата на Радио Слободна Европа..

Капушевски и Сулкоски се сопственици на РКМ, компанијата преку која се одвиваа набавките на мазут и кои, според обвинителството, се доделени и реализирани преку злоупотреба, а има и случај на перење на пари. Муча е поранешен директор на сектор во ЕСМ. Поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, исто така осомничен за овој, но и за случајот „Адитив“, е во бегство.

За Асмир Јахоски (сопственик на Пуцко петрол и син на пратеникот на ДУИ Исмаил Јахоски) кој исто така е осомничен за малверзациите со мазутот, е определен куќен притвор, откако обвинителот го преиначил барањето и се откажал од најстрогата мерка за обезбедување – затворски притвор, а судијата прифатил.

Јавноста се прашува како е можно, за истото дело, за Јахоски да не постои опасност од бегство или влијание врз сведоци, па може да си седи дома?

Ваквата одлука се поврзува со фактот што со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција раководи  Ислам Абази, кој, важи за близок со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

На ова веројатно алудираше и премиерот Мицкоски, кој изјави: „За мене се алармантни информациите поврзани со прв човек на едно Обвинителство кога слушнал за акцијата. Шокиран сум како се однесувал и како продолжува да се однесува. Ако сакаат да бидат дворско-партиски забавувачи, местото им е во големите хациенди изградени во западна Македонија. Мислам дека многу скоро ќе се кае, но тогаш ќе биде доцна, истакна Мицкоски.

За Јахоски и Капушевски имаше серија написи во медиумите за разни сомнителни зделки и за начините на стекнувањето на нивниот капитал, но досега речиси ништо не беше процесуирано и остануваше без епилог.

Газдата на Пуцко Петрол не е притворен оти има 4 деца и „врски со државата“