Поранешниот бугарски вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов бара референдум во Бугарија за членството на Македонија во Европската унија.



„Сосема природно е таа (официјалната бугарска позиција – н.з.) да биде категорично утврдена од граѓаните на Република Бугарија на референдум со прашањето: „Дали сакате Република Северна Македонија да стане полноправна членка на Европската унија?“, пишува Каракачанов на Фејсбук.

Лидерот на ВМРО-БНД се осврнува и на барањето на македонскиот премиер Христијан Мицкоски за почитување на националната самоидентификација на Македонците во Бугарија.

„По повод неговите зборови дека сака ‘јасно и недвосмислено признавање на вековниот македонски идентитет, на вековната македонска култура, традиција, обичаи и на македонскиот јазик’, се разбира, јасно и недвосмислено е признаено дека тие се Бугари. И тоа го докажуваат не бугарските историчари и политичари, туку стотици странски историчари – византиски, турски, француски, германски, руски, кои во своите дела пишуваат само и единствено за Бугари во Македонија, а не за некаков македонски идентитет.

Затоа е убаво господинот Мицкоски да чита. Може да почне со изданијата издадени од Архивот на Република Македонија за т.н „вековен македонски“ јазик отпечатени во последните 20 години. Таму се објавени оригинални дипломатски, политички и секакви документи од кои господинот Мицкоски може да се ориентира колку се „вековни“ македонската култура, идентитет и јазик. Но, се разбира, ние знаеме колку нему му е полесно да зборува отколку да чита, како и за повеќето денешни бугарски политичари“, вели Каракачанов во својата објава на социјалната мрежа.