Милошоски: Интерпелациите се неопходни за кадровски реформи, членовите на Судскиот совет треба да покажат зрелост и да поднесат оставка

На вечерашното емитување во емисијата Тема на денот на Сител телевизија, гостуваше пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски и го истакна својот став во однос на утрешните инерпелации, и поддржувајќи ги изјави дека дека функционери кои изгубиле доверба од органот што ги избрал, во овој случај Собранието, не треба да носат важни одлуки.



Тој нагласи дека членовите на Судскиот совет кои ќе бидат подложени на интерпелација треба да поднесат оставка, како знак на демократска одговорност и зрелост. Милошоски исто така ги критикуваше СДСМ за тоа што не се придружуваат на неопходните кадровски реформи во Судскиот совет, кои се важни за решавање на незаконитостите што ескалирале во судството.

Тој што им го пишувал соопштението на СДСМ, веројатно не прави добра разлика и дефиниција на правосудните органи. Кога сте член на Судскиот совет, вие од тој момент не сте веќе судија. Може да бидете судија, некој да ве предложи, Собранието да ве изгласа или претседателот да ве предложи, но вие од тој момент не сте судија, и Судскиот совет не е суд. Тој има надлежност да контролира судии, но не е суд сам по себе – прецизираше Милошоски.

Милошоски ги обвини СДСМ дека не се придружува на неопходните кадровски реформи во Судскиот совет, нагласувајќи дека реформите треба да се спроведат не заради мислењето на политичките актери или новинарите, туку затоа што Европската комисија испратила оценска мисија поради ескалацијата на незаконитости во Судскиот совет.

– И затоа ценам дека е голема штета што СДСМ не се придружува на овој чин на неопходни кадровски реформи во Судскиот совет. Ние реформите во Судскиот совет треба да ги направиме не заради мислењето на поединци или пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, или одредени новинари, или одредени актери во политичкиот живот. Овие реформи треба да ги направиме затоа што самата Европска комисија прати оценска мисија за тоа што ескалираа состојбите во Судскиот совет до тоа ниво да имаме незаконитости – изјави Милошоски.

Милошоски смета дека треба да се направи комбинација од системски реформи и кадровски промени. Иако е важно да се подобрат законите, тој нагласува дека не може да се постигнат подобри резултати со истиот тим на луѓе.

– Според нас треба да се направи комбинација од двете можности, од двете препораки. Едната е да се работи на системско подобрување на законите, но истовремено, може да ги имате најдобрите правосудни закони, но не можете со истиот тим на луѓе да постигнете подобри позитивни резултати. Треба да има и системски реформи, се согласувам, но треба да има и кадровски промени. Интерпелацијата е дел од неопходните кадровски реформи во Судскиот совет – истакна Милошоски.