И.Мицковски: Европа мора сама да одлучи што ќе биде во иднина, или ќе остане изгубена и безначајна


Трамп ја врати Европа во реалноста, без оглед колку да е непријатна реалноста. Трамп е огледало на тоа што Европа не е повеќе, ниту пак ќе биде. Европа мора сама да одлучи што ќе биде во иднина.“ – нагласува новинарот и политички аналитичар Ивор Мицковски во својата колумна со наслов „Како да се спаси изгубената Европа“, која ја објави Дојче веле на македонски јазик.



Натаму, покрај другото, Мицковски пишува: Старата констатација на Макрон дека НАТО е во церебрална смрт, види иронија, на крај се сврте против Европа. Соочена со испитот на војната, Европа се покажа како неспособна и неупотреблива во нејзиното разрешување. Во три години од украинскиот судир Брисел не знаеше како да предложи ембрионален предлог за мир. Тоа не знае ни денес како да го оствари. Родена во сенката на НАТО, како ребро од евроатлантскиот мир, зачната во мир и предодредена за мир, сведена на економско крило од НАТО Пактот промовиран од Америка – ЕУ денеска изгледа како надмината и непотребна сила.

Која Европска унија?

Членките на ЕУ самите ја потврдуваат сопствената неспособност. Прочитајте ја само листата од поканетите на итниот „европски“ самит во Лондон, кој доаѓа како продолжение од самитот во Париз одржан на 17-ти февруари. Како прво и основно самитот се одржа во главен град и држава, кои излегоа од ЕУ. Потоа, затоа што учествуваа и Канада и Турција, кои се НАТО сојузници, но не и членки на ЕУ. Канада како земја на која ѝ се заканува анексија од страна на САД, Турција како стара империјалистичка сила, која е во подем токму во сферата на сегашните судири, покрај тоа што е единствената земја, коjaшто заедно со Израел играше улога на посредник меѓу Киев и Москва.

Од целиот збир недостасува половина Европа, а особено балтичките држави, Естонија, Летонија и Литванија, кои најверојатно би биле првите жртви на Русија, ако излезе судирот од контрола. Европа е оставена како сираче од американската заштита.

Распад на евроатлантската оска?

Америка на Трамп реагира бесно кон Европејците, кои гледано од призмата на Вашингтон се виновни за разгорување на последните две светски војни и кои потоа, во послевоениот период уживаат во американската воена и нуклеарна заштита. Гледано од аспект на големите сили, секој почнува да се вреднува според својата специфична воена тежина, оттука, денес се мерат и судираат големите суперсили, а Европа или ќе стане дел од нив, или ќе се помири со својата незначајност. Ако Европа не се одлучи да биде значајна, дотолку полошо за неа.

Од тој аспект поставеноста и маскарадата на Европа делуваат како крајно некорисни. Експериментите на Париз и Лондон за една помалку пасивна улога на „новата“ Европа, во рамки на „реалната“ глобална геополитичка револуција, се само една голема заблуда.

Задачата е далеку поголема, од неа зависи реконструкцијата на целата паневропска рамнотежа зависи во рамки на еден стратегиски компромис меѓу САД, Русија и Кина. Би било фантастично, ако Европа стане дел од овие нови комбинации. Но за таа цел ќе мора да почне да размислува и да функционира како сопствена цивилизација, култура и политичка Унија. Би било прекрасно сѐ тоа да се случи пред Третата светска војна, а не потоа.