Граѓаните на Гренланд утре одат на парламентарни избори, а во фокусот на изборната кампања беше можната независност на најголемиот остров на светот.
Сите главни политички партии на Гренланд ја поддржуваат независноста, така што дебатата се врти околу тоа кога, а не дали, да се прекинат врските со Данска.
Членот 19 од данскиот устав и дозволува на владата да отстапи дел од својата територија под услов да добие одобрение од парламентот. „Генерално се смета дека би било можно да се откаже од дел од земјата или Гренланд да стане независен без уставен амандман и промена на данскиот устав“, вели Фредерик Вааге, професор на Универзитетот во Јужна Данска.
Актот за самоуправа на Гренланд од 2009 година „во основа го дефинира патоказот за независност“, рече тој. Нејзиниот член 21 вели дека „одлуката за независноста на Гренланд ќе ја донесе народот на Гренланд“.
Тогаш данската и гренландската влада мора да преговараат за договор, се вели во извештајот.
Договорот мора да биде одобрен од парламентот на Гренланд, мора да добие поддршка на референдум и да биде склучен со согласност на данскиот парламент.
„Независноста на Гренланд подразбира дека Гренланд ќе има суверенитет над територијата на Гренланд“, се наведува во текстот.
Данската премиерка Мете Фредериксен повторува дека „Актот за самоуправа јасно кажува дека иднината на Гренланд ќе биде дефинирана од Гренланд и Гренланѓаните“.
Американскиот претседател Доналд Трамп, обраќајќи се во Конгресот на 4 март, призна дека „неверојатните луѓе“ на Гренланд имаат право на самоопределување.
„И ако така одлучите, добре дојдовте во Соединетите Американски Држави“, рече тој, ветувајќи дека ќе ги направи „богати“ и „безбедни“.






