Новиот македонски спортски херој, атлетичарот Андреас Трајковски, се заблагодари на Фејсбук за реакциите во Македонија за неговиот историски подвиг – осмото место во скок во далечина на Европското првенство во сала во Апелдорн, Холандија.



„Македонијо, те сакам! Ви благодарам“, напиша првиот Македонец што се изборил и настапил во финале на големо атлетско натпреварување благодарејќи на скокот од 7,85 метри во квалификациите, негов личен и нов државен рекорд во оваа дисциплина.

„Осми најдобар скокач во далечина во Европа! Јас секогаш целам на повеќе, но горд сум на себе. Пласманот во финалето со национален рекорд веќе беше голема победа за мене и за мојата земја Македонија.

Огромна благодарност до сите за поддршката – тоа значи повеќе отколку што можете да замислите!!“, порача Трајковски во претходна објава на Фејсбук.