Како 8-ми Март стана меѓународен ден на жената

 

Од протестите на жените-работнички на почетокот на 20 век до официјалното признавање од страна на Обединетите нации, историјата на овој ден е приказна за истрајност и борба за еднаквост.



Историјата на Меѓународниот ден на жената е тесно поврзана со работничкото движење и борбата на жените за подобри работни услови и политички права. Уште на крајот на 19 век, работничките почнаа да организираат протести против ниските плати, долгото работно време и лошите услови за работа.

Еден од клучните настани беше протестот на 8 март 1908 година во Њујорк, кога 15.000 текстилни работнички излегоа на улиците барајќи подобри услови за работа, пократко работно време и право на глас.

Во 1910 година во Копенхаген се одржала Меѓународната женска конференција на социјалистите, каде германската активистка Клара Цеткин предложила да се слави посебен ден посветен на правата на жените. Целите беа да се промовира еднаквост и да се борат за право на глас на жените ширум светот.

Веќе следната година, во 1911 година, Денот на жената беше прославен на 19 март во Германија, Австрија, Швајцарија и Данска со масовни собири и демонстрации.

Еден од клучните моменти за конечното дефинирање на датумот се случи во 1917 година во Русија. За време на Првата светска војна, жените продолжија да протестираат, а на 8 март ,работничките во Петроград организираа големи демонстрации против војната и гладот.

Овој настан стана еден од катализаторите на Февруарската револуција, што доведе до абдикација на царот и значајни општествени промени во Русија.

По револуцијата, советските власти го прогласија 8 март за национален празник во чест на придонесот на жените во револуцијата и општествените промени.
Официјално признавање и глобално обележување

Во текот на 20 век, Денот на жената стана важен датум во се повеќе земји.

Обединетите нации официјално ја признаа во 1975 година, која ја прогласија за Меѓународна година на жените.

Оттогаш, 8 март во целиот свет се слави како ден посветен на борбата за правата на жените, потсетувајќи на постигнатите успеси, но и на предизвиците кои сè уште постојат.

Меѓународниот ден на жената денеска се одбележува на различни начини – од протести и кампањи за правата на жените до подарување цвеќе и симболични честитки. Иако е постигнат многу напредок во родовата еднаквост, овој датум сè уште служи како потсетник дека борбата за правата на жените не е завршена.