Климатските промени ја чинеле Македонија 410 милиони долари

Од 1990 година до денес Македонија претрпела директна штета од 409,2 милиони американски долари од влијанието на климатските промени и глобалното затоплување, покажува студијата на Светска банка.



Од наведените причини во последните 28 години во Македонија се случиле 23 природни катастрофи, кои однеле 68 животи и загрозиле 1.281.548 луѓе.

Најголема директна штета од регионот на Западен Балкан во овој период претрпела Србија од две милијарди и 280,5 милиони долари, причинета од 23 природни катастрофи со 96 жртви и 210.499 загрозени луѓе.

Поголема директна штета од Македонија е регистрирана и во Босна и Херцеговина, изразена со 821,6 милиони долари, 23 природни катастрофи, 46 жртви и 1.414.155 загрозени луѓе.

Многу помали материјални штети претрпеле Албанија и Црна Гора. Во Албанија станува збор за 24,7 милиони долари, 25 природни катастрофи, 52 жртви и 962.326 загрозени луѓе, а во Црна Гора штетата е занемарлива од шест природни катастрофи, со една жртва и 12.586 загрозени луѓе.

Вкупните бројки за петте земји од Западен Балкан од 1990 година до денес се: директна штета од 3,536 милијарди долари, 100 природни катастрофи, 263 жртви и 3.881.341 загрозени луѓе.