Албанска компанија ќе стопанисува со паркингот на Клиничкиот центар

„Ѓока констракшн“, компанија од Албанија ќе стопанисува со паркингот на Клиничкиот центар во Скопје, објави Призма.



На огласот, кој беше распишан на 15 ноември се јавила само „Ѓока констракшн“, која е формирана во Тирана во 1994 година, од 2022 има регистрирано подружница и во Скопје.

Фирмата, преку јавно-приватно партнерство ќе стопанисува со паркингот во наредните 20 години, потврди министерот за здравство Арбен Таравари за БИРН.

„Ѓока констракшн“ треба да изгради две катни монтажни гаражи – инвестиција која се проценува на околу 10 милиони евра и ќе стопанисува со целиот паркинг на Клиничкиот центар, а за возврат државата да добие еден отсто од вкупните остварени годишни приходи.

 Моментно, на Клиничкиот центар има 800 паркинг места, а со двете катни гаражи би се добиле уште 800 до 900.

Сега со паркингот на Клинички центар стопанисува ЈП „Градски паркинг“.

Таравари: Две нови катни гаражи и повеќе места за паркирање на Клиничкиот центар