Алијансата за Албанците – крилото на Зиадин Села реагира, поради како што тврдат, „градскиот хаос и злоупотребите, што ги прави градоначалникот на Тетово Билал Касами“. Од АА на Села наведуваат дека „Тетово се претвори во џунгла“ и ги повикаа надлежните да ги истражат активностите на градоначалникот Касами. Ова го објави ТВ Клан Македонија.
Крилото на оваа партија од Тетово во своето соопштение тврди: „Кланот на Билал Касами го уништува и го узурпира Тетово, кое се наоѓа во најтешката ситуација во својата историја. Пристигнуваат се повеќе информации дека потесниот круг на градоначалникот Билал Касами офанзивно узурпира јавни и приватни имоти, неовластено гради во градот, во неговата околина и на Попова Шапка, гради и патишта надвор од стандарди и без планови, што предизвикува хаос во градот.“
„Многу граѓани, стопанственици, па и медиуми секојдневно се жалат дека сегашното раководство со своите постојани постапки им го отежнува животот на граѓаните и го претвора Тетово во градска џунгла. Сите овие акции се од корист на луѓето блиски до Билал Касами, неговата партија, нивните соработници и членови на семејството.“
„Ги повикуваме надлежните органи, одговорните инспекторати, Државната ревизија, но и Јавното обвинителство, итно да ја прекинат оваа кампања на уништување на Тетово и да ги истражат последните активности кои сега се ‘јавна тајна’ и за кои се зборува на секој агол во Тетово.“





