План за потенцијално олеснување на санкциите кон Русија подготвува Вашингтон како дел од потезите на претседателот Доналд Трамп да ги обнови врските со Москва и да стави крај на војната во Украина, изјавија американски функционер и друго лице запознаено со ова прашање., за Ројтерс.
Белата куќа побара од Стејт департментот и Министерството за финансии да подготват листа на санкции кои би можеле да бидат олеснети за американските функционери за да разговараат со руски официјални претставници во наредните денови како дел од пошироките разговори на администрацијата со Москва за подобрување на дипломатските и економските односи.
Според изворите, службите за санкции во моментов подготвуваат предлог за укинување на санкциите против одредени субјекти и поединци, вклучително и некои руски олигарси.
Службениците за санкции често подготвуваат т.н Документи за опции, но конкретното барање на Белата куќа за такво во последните денови ја нагласува подготвеноста на Трамп и неговите советници да ги олеснат руските санкции како дел од потенцијалниот договор со Москва.
Не е јасно што конкретно би можел да бара Вашингтон во замена за можно олеснување на санкциите.
Русија е еден од најголемите светски производители на нафта и доколку се ублажат американските санкции за нејзиниот енергетски систем, тоа би можело да помогне да се спречи растот на цените на горивото, доколку Трамп го ограничи извозот на нафта од членката на ОПЕК, Иран.
Минатата година Кремљ ги опиша односите на ниво „под нулата“ во времето на Џо Бајден кој ја поддржа Украина со помош и оружје и воведе строги санкции кон Русија за да ја казни за нејзината инвазија во 2022 година.
Од своја страна, Трамп веќе јасно стави до знаење дека сака крај на војната во Украина врз основа на руските предлози од Истанбул 2022 година.






