„Македонски глас” – Нов медиум на македонски јазик во Албанија

Македонски активисти од општина Пустец, предводени од поранешниот градоначалник Едмонд Темелко и Панди Јани го отворија порталот „Македонски глас” на македонски јазик. Проектот се реализира со финансиска поддршка од македонското МНР



-Група активисти аплициравме на објавениот повик на МНР за поддршка на проекти за Македонците во Албанија и во соработка со амбасадата во Тирана, со проект за отворање портал за Македонците во Албанија. По добиените финансиски средства почна да функционира порталот, кого го одржуваат млади лица на доброволна основа“, изјави Темелко за МИА.

Според него, порталот е посветен на информирање, едукација и поврзување на македонската заедница во Република Албанија.

„Има за цел да ја зачува и промовира македонската култура, јазик и идентитет преку објавување на релевантни вести, анализи и содржини од културен, историски и општествен интерес“, посочи Темелко.

Во Албанија постојат весникот Преспа, најстаро гласило на Македонците и весникот Илинден, кои се во печатено и електронско издание, како и Македониум кој има само електронско издание.