Забранетата курдска ПКК ќе се разоружа: Крај на 4-деценискиот конфликт со Турција

Забранетата Курдистанска работничка партија (ПКК) ќе го послуша повикот на својот затворен лидер Абдула Оџалан да се разоружа и да прогласи итен прекин на огнот, објави Ројтерс.



Оваа одлука е голем чекор кон ставање крај на 40-годишниот конфликт со турската држава, кој однесе повеќе од 40.000 животи.

ПКК изрази надеж дека Анкара ќе го ослободи Оџалан, кој се наоѓа во речиси целосна изолација од 1999 година, за да може да го води процесот на разоружување, додавајќи дека мора да се создадат неопходни политички и демократски услови за да успее процесот.

ПКК ја започна својата вооружена борба против турската држава во 1984 година. и моментално работи главно од планините на северен Ирак. Организацијата е прогласена за терористичка организација од Турција, САД и Европската унија.

Повикот на Оџалан беше поздравен од САД, Европската Унија, како и од соседите на Турција, Иран и Ирак.

За возврат, Анкара побара од сите курдски борци во Ирак и Сирија, вклучително и Сириските демократски сили поддржани од САД, да го остават оружјето.