Претседателот Доналд Трамп му се развика на својот украински колега Володимир Зеленски за време на вонредниот состанок во Овалната соба, прекорувајќи го за „коцкање со милиони животи“ и сугерирајќи дека неговите постапки може да предизвикаат Трета светска војна.



Последните 10 минути од речиси 45-минутната средба се претворија во тензичен вербален дуел меѓу Трамп, потпретседателот Џеј-Ди Венс и Зеленски, кој изрази скептицизам за посветеноста на Русија кон дипломатијата, наведувајќи ги годините на прекршени обврски на Москва на глобалната сцена.

Сè започна со тоа што Венс му кажа на Зеленски: „Господине Претседателе, со почит. Мислам дека е непочитување од Вас да дојдете во Овалната соба за да се обидете да го расправите ова пред американските медиуми“.

Зеленски се обиде да се спротивстави, што го поттикна Трамп да го крене гласот и да рече: „Се коцкаш со животите на милиони луѓе“.

„Вие се коцкате со Трета светска војна, а тоа што го правите е големо непочитување кон земјата што ве поддржува многу повеќе отколку што многу луѓе велат дека треба“, додаде Трамп.

Претходно на состанокот Трамп рече дека САД ќе продолжат да обезбедуваат воена помош за Украина, но и оти се надева дека нема да има премногу помош. „Не очекуваме да испратиме многу оружје“, рече Трамп. „Со нетрпение очекуваме да заврши војната за да можеме да направиме други работи“.

Трамп посочи дека Зеленски не е во позиција да бара отстапки.

„Не сте во добра позиција. Во моментов ги немате картите“, рече Трамп покажувајќи со прстот кон Зеленски. „Кај нас почнувате да имате карти“.

Тој, исто така, го обвини Зеленски за „непочитување“ кон САД.

„Ќе биде многу тешко да се прави бизнис вака“, му рече Трамп на Зеленски во еден момент, додека двајцата лидери разговараа меѓусебно за претходната меѓународна поддршка за Украина.

„Повторно, само кажи благодарам“, му се вмеша Венс на Зеленски, обвинувајќи го за намерно несогласување пред новинарите. Трамп, сепак, посочи дека нема проблем со со драмата. „Мислам дека е добро американскиот народ да види што се случува“, додаде тој.

„Вие воопшто не се однесувате благодарно“, рече Трамп, пред да додаде: „Ова ќе биде одлична телевизија“.

Острите зборови дојдоа во клучен и несигурен момент за Украина. Зеленски планираше да се обиде да ја убеди Белата куќа да обезбеди некаква поддршка на САД за безбедноста на Украина против каква било идна руска агресија.

Сè уште се очекува Зеленски да потпише значаен економски договор со САД, чија цел е финансирање на обновата на оштетената од војна Украина, договор што тесно ќе ги поврзе двете земји заедно во годините што доаѓаат.

Договорот, кој се смета за чекор кон ставање крај на тригодишната војна, упатува на важноста на безбедноста на Украина. Претходно на состанокот, пред да се разгорат страстите, Трамп рече дека договорот ќе биде потпишан наскоро во Источната соба на Белата куќа.