Коалицијата ВРЕДИ бара од ДУИ да започне проверката на Садула Дураку, поранешен вицепремиер, министер, градоначалник и моментално заменик на оваа партија. Според нив, чистењето во ДУИ треба да почне од постојаните функционери.
„Ако ДУИ навистина сака да се очисти, нека почне со овие фигури. Садула Дураку е симбол на заробената држава, корумпираната моќ и партиската контрола врз институциите. Доста е со ротација на исти луѓе без никаква одговорност!“, велат од Коалицијата ВРЕДИ.
Од Коалицијата прашуваат „Како е можно истите луѓе 20 години да ротираат на позиции без никаква промена во нивната одговорност? Дали во ДУИ не смее да напредува никој кој не е во кругот на лични пријатели на Али Ахмети? Дали има нешто што Садула Дураку не беше во можност да контролира? Министерства, општина, управа, владини агенции – сè беше во негови раце! Дали Садула Дураку е по едуциран и по спремен да ги обавува сите тие функции од младите луѓе кои овие дваесетте години ја напуштија државата токму заради вечните функционери на ДУИ“.
Од ВРЕДИ прашуваат „Како е можно градоначалник на мала општина како Липково да изгради толку големо политичко и финансиско влијание? Како е можно во Куманово и кумановско Садула Дураку да се претставува како човек од кој зависи судбината на сите други?
Како неговите блиски луѓе добиваа милионски тендери и вработувања во јавната администрација додека стотици Албанци до Куманово и кумановско избегаа да работат по Европа? Колку средства беа пренасочени преку институциите што ги раководеше? И на кои места завршуваа тие пари? Дали ДУИ ќе се охрабри да провери и јавно да каже?“ прашуваат од Коаливцијата, пренесе Фокус






