СДСМ се разбира во надворешна политика колку Венко Филипче во воена музика

По повлекувањето на големите македонски лидери Киро Глигоров и Бранко Црвенковски од политиката, СДСМ нема политичари кои на научно, интелектуално и интуитивно ниво ги разбираат надворешната политика и глобалните трендови на светската политичка сцена.



За Зоран Заев знаеме дека беше полиглот, нели, но тој политиката генерално, а посебно надворешната, ја разбираше како вештина со која сервилниот муртински итрец се борел за тезга и на пазариштата во Горни Милановац и Белград, на пример. Неговиот карактер е неговиот дискурс и со тоа е кажано се.

Околу Заев секогаш имаше еден буљук аналитичари (некои и сериозни), многу суфлери и еден високо обожаван филозоф копролит од Орешани, фосилизиран измет исфрлен уште во славните времиња на таа партија. Но, едно е да се продава „памет“ и да се глуми „калиф наместо калифот“, а сосема друго да се води политика.

Последниот настап на новинарот и аналитичар Сашо Ордановски на Канал 5 – чија слобода да го каже она што го кажа секако не смее да се оспори – јасно покажува дека поранешната власт на СДСМ и на ДУИ била „мудро“ советувана македонското стратешко партнерство со САД да го разбере и да го практикува како отворено навивање за Џозеф Бајден и за неговата наследничка Камала Харис, но и како уште поотворена, неумерена и на моменти зачинета со говор на омраза, жестока критика на новиот претседател Доналд Трамп.

Ќе повторам уште еднаш – вакво навивање и фаќање страна во политиката на независна Македонија немало никогаш!

И што вика „компасот“ на Венко Филипче?

Како и да е, изгледа дека тоа е „компасот“ што новиот лидер на СДСМ, Венко Филипче, инаку маша на нашиот шеик од задграничниот комитет на социјалдемократите во Дубаи, го смета за клучна алатка со која треба да се води нашата надворешна политика, а на премиерот Христијан Мицкоски, ете, баш таа му недостасувала.

Тоа, наводно, го покажало и последното гласање за резолуциите за Украина во ОН. Од тоа, СДСМ заклучува дека „македонската надворешна политика е без компас, дека се одлучува импулсивно и без надворешно политички приоритети“. Се разбира, она што ги нервира Филипче и буљукот суфлери е фактот што владата на Мицкоски прифатила да биде коспонзор на американската резолуција, а потоа гласала воздржано. Нема ни помисла, се разбира, дека имало некои други причини за тоа, или дека можеби станува збор и за договорен тактички потег, а не за импровизација.

Но, многу поважно е да се каже дека „компасот“ на СДСМ, за она што се случува на глобалната политичка сцена, покажува дека Македонија ги губела позициите во Европската унија, поддржувајќи ја политиката на Трамп. Оваа теза се темели на сознанието на „генијалците“ од Бихаќка дека САД и Европа влегуваат во меѓусебна војна, во која Европа, предводена од Германецот Мерц и од Французот Макрон, нормално, ќе ја победат Трампова Америка. И Европа пак ќе биде голема, а Америка – нема.

Ви велам … СДСМ се разбира во надворешна политика колку Филипче во воена музика.

Или, колку што Сашо Ордановски се разбира во глобалните комуникации и медиуми, предвидувајќи ја пропаста на интернетот уште пред петнаесеттина години.

Или, колку што копролитот од Орешани се разбира од погребалниот бизнис, поради својата пуста и неостварена желба да ги погреба ВМРО, македонската историја, сегашната Македонија и сите Македонци кои не се идентификуваат со ентитетот што будалиот го нарекува „Нордот“.

СДСМ не знае дека Европа е во криза

Нејсе, да се вратиме на куса анализа на клучната хипотеза, која го обликува разбирањето на „генијалците“ од Бихаќка на она што се случува во светот во оваа значајна историска секвенца.

Пред се, СДСМ не знае дека западна Европа е во длабока економска криза, која е структурна, а не само криза предизвикана од недостиг на евтини енергенски и други ресурси. Најразвиените земји на ЕУ сериозно заостануваат зад САД, зад Кина и зад повеќе други земји во светот, во својот научен и технолошки развој. Тоа е и втората важна причина за нивното големо економско заостанување.

Првата причина, се разбира, се огромните издатоци за финансиската, економска и за воената поддршка на напорите на Бајденовата администрација да го постигне невозможното – војната во Украина да ја оконча со исполнување на „планот за победа“ на авантуристот Зеленски и со пораз на Путин.

Делумно поради инерција и делумно во страв од подемот на конзервативните идеи и политички формации, дел од европските лидери и бриселските бирократи уште извесно време ќе продолжат да заговараат масивна поддршка за Украина. Тоа е истата погубна тактика со која Бајденовата пропаганда успеваше да ги продолжи војната и страдањата на украинскиот народ, секогаш кога на хоризонтот ќе се појавеа некакви, макар и нереални мировни иницијативи.

Целата колумна на Бранко Героски за Плусинфо на следниот линк: