Мерко остана без надлежности за струшките градинки, откако му беа одземени за училиштата во Подгорци и Дрслајца

Градоначалникот на Струга Рамиз Мерко остана без ингеренциите и над струшките градинки. Надлежноста од 19 февруари ја презеде Министерството за социјална политика, демографија и млади, кое постави свој вршител на должноста директор. Од таму велат дека Мерко не ги испочитувал насоките, кои претходно му биле дадени од страна на министерството. Ова го објави ТВ Алсат.

Натаму телевизијата истакнува. „Градоначалникот не го испочитува претходно даденото укажување за почитување на законот и поради тоа му се одземени надлежностите во времетраење од најмногу една година, сметано од 19.02.2025 година, врз Јавната општинска установа-Детска градинка ‘8 Март’-Струга.“ – велат од Министерството за социјална политика, демографија и млади.

Детската градинка во Струга со месеци се соочува со сериозни проблеми. Дваесеттина негувателки, воспитувачки и друг помошен персонал со години работеа со договор на дело и со плата од само 10 илјади денари, без платено здравствено и пензиско осигурување. Од Министерството за социјална политика, демографија и млади велат дека очекуваат одговор од Министерството за финансии за обезбедување пари за вработување пет негувателки и една воспитувачка. „По добивање на бараната согласност од Министерството за финансии детската градинка може да отпочне постапка за вработување.“ – додаваат од ресорното министерство.

Новата директорка Флореше Емуш вели дека состојбата во градинката е алармантна, но оти до мај од сопствени пари за сите вработени со договор на дело била обезбедена минималната плата од 22.500 денари. Бидејќи целиот буџет на градинката оди за исплата на плати вели дека во моментот не можат да инвестираат во други активности.

„Без да сакаме да навлегуваме во односите меѓу министерството и општината, состојбата во струшките градинки е евидентна. Овде имаме 18 вработени, чиј статус не е решен и ќе работиме да им најдеме достоинствено решение. Барање за 6 одделни решенија е испратено од претходниот директор, ќе се потрудам во наредниот период да им се обезбедат работни решенија и на другите вработени.“ – вели Емуш.
Иако станува збор за сериозен проблем, ниту еден ресорен министер досега не најде за потребно да ја посети градинката и да разговара со вработените и родителите.

Претходно Министерството за образование му ги одзеде надлежностите на Мерко и над две основни училишта во струшко, во селата Подгорци и Дрслајца.