Од денеска, 25 февруари, се’ до исцрпување на средствата од општинскиот буџет, најдоцна до 31 декември 2025 година, Општина Центар распиша Јавен повик за доделување субвенции на младите жители на општината за полагање на возачки испит Б-категорија во автошколи регистрирани на подрачјето на Центар.
Право на субвенција имаат сите млади лица кои во текот на 2025 година ќе наполнат 18 години, односно родени се во 2007 година, а живеат на подрачјето на Општина Центар најмалку една година.
Субвенцијата изнесува 10.000,00 денари и може да се користи единствено за полагање на возачки испит во автошколи кои се регистрирани во Општина Центар.
„Обуките на младите за безбедно учество во сообраќајот се од голема важност за нас. Младите лица кои сакаат да управуваат возило мора да имаат возачка дозвола и да бидат одговорни возачи за да можат да учествуваат безбедно во сообраќајот. Возењето без возачка дозвола во Центар е недозволиво. Преку оваа субвенција ќе помогнеме во координација со автошколите од општината да се обезбеди најквалитетна обука за сите млади кои ќе запишат часови. Безбедноста на нашите граѓани, особено на младите е приоритет, да возиме совесно. Вози совесно“, истакнува градоначалникот Горан Герасимовски.





