Украина може да стане членка на Европската унија и пред 2030 година доколку продолжи со реформите со оваа брзина, изјави денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Украина добро напредува, можеби дури и пред 2030 година ќе стане членка ако продолжи со оваа брзина и со овој квалитет“, рече Фон дер Лајен за време на заедничката медиумска конференција во Киев со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Тој претходно изјави дека членството на Украина во ЕУ и во НАТО може „во голема мера“ да помогне во идното „оддалечување“ од Русија.
Претходно денеска, по повод третата годишнина од рускиот напад на Украина, во Киев се одржа самитот „Поддршка на Украина“, на кој присуствуваа лидерите на Летонија, Литванија, Естонија, Шпанија, Канада, Финска, Данска, Исланд, Норвешка и Шведска, генералниот секретар на ОБСЕ, францускиот министер за европски прашања Жан Ноел Баро и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.






