Москва: „Америка сака брз прекин на огнот, но ние не“

 

Рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рјабков изјави дека може да ја препознае желбата на американската страна да се придвижи кон брз прекин на огнот во Украина, но вели дека за Москва тоа е неприфатливо.



„Но… прекинот на огнот без долгорочно решение е пат кон брзо продолжување на борбите и продолжување на конфликтот со уште посериозни последици, вклучително и последици за руско-американските односи.

Ние не го сакаме тоа“, рече тој.

Рускиот напад врз Украина започна пред точно три години, на 24 февруари 2022 година, кога руските сили започнаа голема воена инвазија на украинска територија по наредба на рускиот претседател Владимир Путин.

Конфликтот резултираше со десетици илјади жртви и раселување на милиони луѓе. Западните земји воведоа санкции кон Русија и обезбедија воена и хуманитарна помош за Украина

Во последните две недели, актуелниот американски претседател Доналд Трамп ги интензивираше напорите за постигнување мировен договор меѓу Русија и Украина.
Трамп се обидува брзо да постигне мир

Трамп пред две недели имаше телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин, по што најави итен почеток на преговорите за прекин на конфликтот.

Истиот ден, американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет рече дека враќањето на границите на Украина во 2014 година е „нереална цел“ и дека обидите за враќање на сите територии само ќе ја продолжат војната.

Преговорите меѓу Русија и САД започнаа неколку дена подоцна, на 18 февруари, во Саудиска Арабија, каде што американскиот државен секретар Марко Рубио и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров се состанаа за да разговараат за завршување на конфликтот.

Сепак, Украина и нејзините европски сојузници не беа вклучени во овие разговори, што предизвика критики од украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој рече дека Украина нема да признае каков било договор постигнат без нејзино учество.