Со победа и во реваншот со Бриксен од 38:31 во Скопје, ракометарите на Алкалоид со стил го потврдија пласманот во четвртфиналето на Европскиот куп најавен со триумфот од 44:32 минатиот викенд во Италија.
Шестата победа во шестиот натпревар сезонава во ова клупско натпреварување на ЕХФ за освојувачот на Купот на Македонија и актуелен лидер во Суперлигата не беше доведена во прашање, иако гостите заминаа на паузата со водство од 20:19, а пред тоа имаа предност и од три гола.
Дилемите околу победникот, ако и ги имаше, беа отстранети во првата половина од второто полувреме со серијата на „фармацевтите“ од 13:3, заедно со финишот од првиот дел за недостижни 30:23, по кои составот на Кирил Лазаров рутински го проведе мечот кон крајот.
Десното крило Александар Петковски беше прво име на средбата во „Автокоманда“ со 8/8, пред средниот бек Марко Митев со 7/9, левото крило Арно Бинго со 5/6, кружниот напаѓач Марко Стојковиќ со 4/5, а во листата на стрелците се запишаа сите освен пивотменот Никола Маркоски и голманите Марко Кизиќ (8 одбрани, 42 отсто) и Иван Галевски (7).
Покрај Алкалоид, меѓу осумте најдобри екипи во Европскиот куп досега се пласираа и Минаур Баја Маре од Романија, Рунар од Норвешка, Хаукар од Исланд, Изиѓач од Босна и Херцеговина, Партизан од Србија и АЕК од Грција.






