Американскиот претседател Доналд Трамп го отпушти највисокиот американски воен офицер и уште пет други генерали и адмирали, објави Ројтерс
Агенцијата ги опиша потезите како невидени реконструкции во Пентагон.
Трамп вчера го разреши претседателот на Здружениот генералштаб, номиниран од неговиот претходник, демократот Џо Бајден, генералот на воздухопловните сили Чарлс Браун.
Трамп потоа на неговата социјална мрежа Truth Social објави дека на негово место ќе го номинира резервниот генерал-полковник Ден Кејн. Поранешен пилот на ловци Ф-16, Кејн до крајот на минатата година беше највисок воен функционер на Централната разузнавачка агенција (ЦИА).
Трамп ја отпушти и шефицата на морнарицата, адмиралот Лиза Франчети. Таа беше првата жена што командуваше со која било гранка на војската на САД.
Овие одлуки на американскиот претседател го означуваат почетокот на периодот на пресврт во Министерството за одбрана, кое веќе се подготвува за масовни отпуштања на цивили, драстичен ремонт на буџетот и промени во распоредувањето на војската низ светот според новата надворешна политика на Трамп „Америка на прво место“, забележува Ројтерс.
Вчера Пентагон објави дека следната недела ќе отпушти 5.400 луѓе.
Оваа одлука се вклопува во плановите на Трамп да ги намали за 5-8% цивилните вработени во одделот, кои сега се околу 950 илјади. Дополнително, ќе се замрзне и регрутирањето на нови луѓе.
Трамп му ја довери задачата на милијардерот Илон Маск да го намали бројот на персоналот на федералните институции во целина. Оваа политика е дочекана со незадоволство и тужби.






