„Добар ден, повелете“ им рече министерката која неочекувано дојде на протестот на сметководителите

Со свирежи и транспаренти со натписи „Нема потпис, нема мир“, „Стоп за тиранијата со контрола на квалитет“ и „Фелата се буди“, група сметководители одржаа протест пред Министерството за финансии. За време на протестот на неформалната група на професионални сметководители пред Министерството за финансии, од каде бараа средба со министерката Гордана Димитриеска Кочовска, таа неочекувано се појави пред зградата на министерството да ги сослуша нивните барања…



  • Добар ден. Повелете. Јас примив веќе до сега неколку луѓе, кажете што имате проблем знам дека имате проблем. Официјално ќе ви го врачиме барањето. Не не ајде кажете ми сега.

Претходно нивниот претставник Сашо Цветановски меѓудругото побара изнаоѓање на решение за околу 3000 сметководители кои биле времено избришани од регистарот поради што не можат да ги потпишуваат годишните сметки за 2024 година.

Министерката Димитреска-Кочовска кажа дека е запознаена со проблемот и дека за него се разговара и со двете страни. Информираше дека Законот е веќе поднесен до Собранието и ги покани сметководителите веднаш да ги достават своите останати барања во архивата на Министерството.

  • И за мене како човек од фелата е нелогично луѓе кои што 12 месеци работеле и книжеле или сметководствено евидентирале да не можат да потпишат заврши сметки. Истото го пренесов и на институтот и тука немаме дилема, законот се чека веќе е закачен во Собранието, се чека да биде усвоен каде што овие луѓе ќе можат да потпишуваат за 2024та За останатото, ќе треба да се разговара прво да видиме каде се пропустите во законот, рече Гордана Димитриеска-Кочовска, минстерката за Финансии.

Сметководителите бараат и измени на Законот за вршење на сметководствена дејност, за ограничување или одземање на ингеренциите на Институтот на сметководители и овластени сметководители кој врши контрола на квалитетот врз нивната работа.

  • Непрофитниот ИСОС се труди да ја максимизира висината на членарината и на надоместоците. Веќе си ја зголеми членарината за фрапантни 250%. Побарува и застарени членарини, членарини од минати години за кои не доставил опомени согласно статутот, подржува иницијативи за максимизирање на цената на часот на обуките во корист на Консалтинг куќите. Од Министерството за финансии бараме да преземе итни мерки со кој ќе обезбеди спроведување на Законот и елеминирање на самоволието на ИСОС, рече Сашо Цветановски – претставник на професионални сметководители со одземено право на работа .

Пред два дена сметководителите во Собранието добиле потврда од пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, дека законот кој ќе го реши нивниот проблем со потпишувањето на годишните сметки за 2024. година ќе биде донесен по скратена постапка.

Законот за сметководствени работи, усвоен во 2022 година вклучува задолжителна професионална едукација, испит за влез во професијата, законска одговорност за правилно водење на сметководството и формирање надзорно тело кое ќе обезбеди спроведување на обуките.