Трговците бесни, се заканија ќе затворале дуќани

За трговците клуч на продавниците, за граѓаните задоцнети мерки. Вака најзасегнатите ги коментираат владините мерки кои треба да ги зауздаат цените на производите, кои пак и покрај серијата мерки беа неколкукратно зголемени. Владата ги ограничи маржите на 5 проценти на основните прехранбени производи, како што се млекото, лебот, брашното тип 400 и тип 500, маслото за јадење, јогуртот и киселото млеко. Заменик-министерот за економија Марјан Ристески објасни дека се ограничува маржата во трговијата на големо и трговијата на мало на 102 групи на производи или на над 1.000 прехранбени и непрехранбени производи со што, според нивните проценки, ќе се заштити животниот стандард на населението, односно ќе се намалат трошоците за живот во потрошувачката кошница за храна и пијалаци и кај средствата за лична хигиена.



На ваквата одлука реагираат од Стопанската комора на трговци на големо и мало претежно со прехранбени и непрехранбени производи, пијалаци и тутун, од каде што соопштија дека станува збор за избрзана одлука што ќе им нанесе значителна штета. Оттаму истакнаа дека не станува збор за ограничување на маржата на илјади производи, туку дека во реалноста станува збор за многу поширока листа од 3 до 4 илјади продукти, вклучително и сите видови млеко со различни маслености, како и детергенти и сапуни.

Тие реагираат дека од Владата наведуваат оти основните производи се маржираат од 20 до 25 проценти, што е причината за ограничувањето на маржата на 5 отсто, но од друга страна се тврди дека нема да има значително намалување на цените.

Доколку се намали маржата на овој начин, логично е цените да се намалат за 15-20 проценти – велат од трговците.

Според нив, овие одлуки не ги заштитуваат социјално загрозените граѓани, туку најголем ќар ќе имаат потрошувачите со повисоки приходи.

На пример, во групата на месни производи ќе треба да се намалат цените и на луксузни производи, што значи дека не се води сметка за приоритетите на граѓаните со пониски примања – објаснуваат од комората.

Сметаат дека нивните предлози што ги доставија до Владата се ефективни и ќе ги намалат цените, но нема да го загрозат опстанокот на трговските друштва.