За лебот, брашното, млекото, јогуртот, јајцата и маслото за јадење маржа се ограничува до 5%. Шеќерот, оризот, пекарските производи, бисквитите, тестенините, месото, сирењето, кашкавалот, чоколадата, кечапот и мајонезот, кафето, соковите, дел од алкохолот ќе се продаваат со замрзната маржа до 10%. Овошјето и зеленчукот, пастата за заби, гелот за туширање, шампонот, влажните марамчиња, тоалетната хартија, бебешката храна, детергентите, добија маржа до 15%.

Граѓаните конечно очекуваат намалување на цените на храната откако владата реши да ги ограничи мажите и да замрзне цени на некои производи. Маркетите сега се должни да ги означат производите со етикета „помалку трошоци, повеќе за тебе“ и да обезбедат најмалку 70% од количините кои ги имале во јануари.
И додека Владата прави нов обид за намалување на цените, дел од земјоделците стравуваат дека може да имаат контра-ефекти.
Одлуката за ограничување на маржите на 102 групи на производи предизвика незадоволство кај трговците. Со вакви избрзани одлуки се нанесува значителна штета, велат од Комората на трговци на големо и мало.

- Бараме итна средба со премиерот Христијан Мицкоски и со министерот за економија и труд Бесар Дурмиши за да ги разгледаме последиците од овие одлуки. Сакаме да се земат предвид аргументираните предлози на компаниите од трговската дејност, велат од оваа нова Комора на трговци.
Одлуката ќе стапи во сила деновиве, откако ќе биде објавена во службен весник. Пазарниот инспекторат секојдневно ќе контролира. Ако се утврдат неправилности, казните се и до 20.000 евра.
Нов обид за намалување на цените. Овојпат ќе се делува со две мерки – со едната се ограничуваат маржите од 5 до 15 отсто за 100 групи производи, а со другата се замрзнуваат цените за 8 продукти – за лебот, брашното, киселото млеко, јајцата, маслото. Исто така овие производи кои е констатирано дека се најкупувани ќе имаат маржи од 5 отсто.





