Не се поминати ниту два месеци од новата 2025 година, а на економски план имаше повеќе случувања, како дома, така и на глобално ниво, кои навестуваат бурен период. На домашен план „падна“ законот за солидарен данок, цените никако да се смират, синдикатите притискаат за зголемување на платите…
Со дел од она што се задолживме и се раздолживме, 500-те милиони евра од билатералниот заем не влијаат на зголемување на јавниот долг, вели министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, во интервју за „Независен“.
На глобален план е уште понеизвесно – најавените царини од страна на новата американска администрација ќе ја погодат и македонската економија, нашите главни трговски партнери се соочуваат со големи предизвици, што може да го погоди извозот од земјава… Како во вакви околности функционира Министерството за финансии и каква е „крвната слика“ на Буџетот и на јавните финансии, дали ќе се зголемат платите… се дел од прашањата на кои за „Независен“ одговори министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска. Исто така и за трошењето на парите од унгарскиот кредит, дали ќе има даночни измени, зошто Македонија со години не може да го подобри кредитниот рејтинг.

Министерке Димитриеска-Кочоска, Министерството за финансии има клучна улога во обезбедувањето средства за финансирање на потребите на државата, но и за одржување на стабилноста на јавните финансии. Што покажуваат податоците за Буџетот на почетокот на оваа година во која треба да се приберат 5,8 милијарди, а да се потрошат рекордни 6,5 милијарди евра?
- Имаме стабилна состојба на јавните финансии и Буџетот е ликвиден. Она што претставуваше притисок во јануари беше отплатата на Еврообврзницата издадена во 2018 година, a за којашто ги обезбедивме средствата за отплата преку билатералниот заем и таа активност е веќе заокружена. Така што, со средствата менаџираме на најоптимален начин и се сервисираат обврските редовно и навремено. Со Буџетот за 2025 година, кој беше усвоен во Собранието, е предвиден раст на приходите од 12,8% коишто се темелат пред се на подобрување на ефикасноста во јавните приходи, а преку модернизација и оптимизација на системот на наплата, како и системски мерки кон намалување на даночната евазија, формализација на неформалната економија и дигитализација на даночните процеси, во таа насока се започна постапка на воведување на е-фактура.
Кредитот од унгарската Експорт-импорт банка наменет за компаниите се очекуваше да стане ефективен уште кон крајот на минатата година. Зошто дојде до толкаво пролонгирање?
- Процедурите за средствата да пристигнат до компаниите се веќе во завршна фаза. Договорите за задолжување меѓу Министерството за финансии и Развојната банка се потпишаа и во пoстапка е потпишувањето на договорите помеѓу Развојната банка и деловните банки за пласман на средствата кон крајните корисници, односно компаниите. Дел од банките веќе ги имаат потпишано договорите, а според информации од банките веќе има интерес за користење на овие средства. Во однос на поминатата временска дистанца од повлекување на овие средства од унгарската Експорт-импорт банка, до нивниот пласман се должи и на тоа што станува збор за еден нетипичин кредит, за разлика од она што се повлекувало претходно од меѓународни финансиски институции и издавање еврообврзница. Потоа, можностите за пласман на средствата преку Развојната банка, како и тоа што сакавме и консултации од Меѓународниот монетарен фонд, од каде чекавме писмена потврда. Сепак она што е најзначајно во овој процес за Владата е обезбедувањето на средства за компаниите по поволни услови и тоа беше една од причините заради коишто се влезе во преговори со банките и да се постигне решение со кое сега имаме камата од 1,95 отсто и што е уште поважно рок на отплата до 15 години. Ова е многу важно за нас како Влада особено што покрај тоа што обезбедуваме една значајна поддршка од 250 милиони евра за инвестиции и преку обезбедените услови ги охрабруваме компаниите да влезат во инвестиции. Тоа беше целта да се обезбедат средства по услови коишто во моментот ги немаше за компаниите во деловните банки во земјата.
Целото интервју на Независен.мк.





