Муцунски за посетата на Австралија: Зајакнување на врските со дијаспората

Уште еден доказ за грижата што новата Влада ја посветува на обновување и зајакнување на односите со македонската дијаспора, изјави шефот на македонската дипломатија Тимшо Муцунски за посетата на Австралија која дојде по 15 години „пауза“ од посета на висок функционер во таа земја и која коинцидираше со 30 години воспоставување односи.



Во интервјуата, што министерот Муцунски ги даде за најголемиот австралиски јавен сервис SBS, на македонски и англиски јазик.говореше за приоритетите на новата македонска Влада во надворешната политика.

Рече дека посетата на Австралија претставува значаен чекор во зацврстувањето на билатералните односи и продлабочувањето на економската и политичката соработка, како и во унапредувањето на врските со македонската дијаспора, која, како што истакна, е клучен мост на пријателство меѓу двете држави.

„Во делот на надворешната политика, би рекол, имаме три клучни константи. Прво, ние сме земја членка на НАТО. Второ, ние сме земја која претендира да стане полноправна членка на ЕУ и сме усогласени со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. И трето, ние сме една од ретките земји што имаат стратешко партнерство со САД. И мислам дека по однос на сите три клучни позиции, нема некоја отстапка од ставовите на Австралија“, изјави министерот Муцунски.

Министерот Муцунски информираше и за одржаните високи политички билатерални средби со министерката за надворешни работи на Австралија, Пени Вонг, министерот за надворешни работи „во сенка“, Дејвид Колман, како и со парламентарната група за соработка помеѓу двете земји. На овие средби, како што истакна, биле споделени заеднички ставови за глобалните предизвици и поврзаноста на случувањата во Индо-Пацификот и Австралија со безбедносната состојба на европскиот континент.

Во интервјуто, министерот Муцунски се осврна и на актуелните геополитички предизвици, притоа истакнувајќи:

„Некои можат да ги сметаат методите на новата американска администрација како неконвенционални, но треба да се прашаме – што ни донесе конвенционалната дипломатија досега? Таа ни донесе повеќе војни и повеќе конфликти. Видовме, особено во последните неколку денови, еден ефикасен ангажман од страна на претседателот Трамп и неговата администрација, како и позитивниот прием на овој ангажман од страна на претседателот Зеленски“, изјави министерот Муцунски.

ВИДЕО на ЛИНКОТ