Европските лидери повикаа на зголемени трошоци за одбрана на вонредниот состанок во Париз во понеделникот, но останаа поделени околу испраќањето мировници во Украина за поддршка на спроведувањето на можниот мировен договор.
Вашингтон пост пишува дека Европа би можела да испрати до 30.000 мировници во Украина.
Состанокот го свика францускиот претседател Емануел Макрон, откако американскиот претседател Доналд Трамп се согласи на билатерални мировни преговори со Русија за ставање крај на војната во Украина, без европските сојузници и Киев, кои треба да започнат во вторник во Саудиска Арабија.
Европските лидери се затекнати од потезите на администрацијата на Трамп во однос на Украина, Русија и европската одбрана и мора да се соочат со реалноста на иднината со помала американска заштита.
Британскиот премиер Кир Стармер, кој пред состанокот во Париз изјави дека е подготвен да испрати мировници во Украина, во понеделникот вечерта изјави дека е потребна американска безбедносна гаранција за европските земји да испратат свои војници во Украина. Тој исто така рече дека е премногу рано да се каже колку британски војници би можел да испрати.
Мировните сили би ги зголемиле опасностите од директен конфликт со Русија, а исто така би биле товар за европските војски, чии резерви на оружје се намалени поради вооружувањето на Украина и деценискиот релативен мир. Прашање е како некои европски земји би платиле за тоа.
Застапувањето на Стармер за мировните сили предизвика поделби меѓу учесниците на состанокот во Париз.
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека не може да има мировен договор со Русија без согласност на Украина. Тој нагласи и дека без мировен договор не може да се зборува за германска мировна мисија во Украина. Тој исто така рече дека европските буџетски правила не треба да го блокираат зголемувањето на трошоците за одбрана над два отсто од БДП.
Италијанската премиерка Џорџија Мелони, исто така, се спротивстави на испраќање мировници во Украина.
„Денеска беше корисно да се разговара за различни хипотези. Онаа што предвидува испраќање европски војници во Украина ми се чини најсложена и можеби најмалку ефикасна, и во тој поглед ги изразив сомнежите на Италија“, рече Мелони, според извори од нејзината влада.
Данската премиерка Мете Фредериксен рече дека е отворена за дискусии за испраќање војници и дека Европа мора да ја зголеми поддршката за Украина и трошоците за сопствената одбрана.
„Русија сега, за жал, и се заканува на цела Европа“, рече таа.





