Сојузот на борците од НОБ и граѓаните продолжувачи од Тетово преку соопштение реагира на повикот на Општина Тетово за давање предлози за именување на улици. Општина Тетово објави повик за прибирање предлози за преименување на улици, кои веќе имаат определено име и именување на новите улици во периодот од 10 февруари до 10 март.
„ Општина Тетово продолжува со процесот за преименување на улици во градот и именување на нови улици: објави 30-дневен јавен повик за доставување на предлози. Општина Тетово ги игнорира јавните апели на Сојузот на борци, политичките партии и граѓаните, како и ставот на Владата дека е неприфатливо преименување постојни имиња на улици во градот Тетово и упорно води постапка и за преименување на улици.“ – се вели во соопштението на Сојузот на борци и граѓаните-продолжувачи.
Тие сметаат дека повикот е обид на Касами да покаже демократија. „Будно го следиме процесот и примаме почетни загрижувачки информации, кои говорат дека Општина Тетово се обидува да глуми демократија и вклученост на граѓаните, а оти предлогот веќе е на бирото на градоначалникот. Законот забранува водење постапка за определување имиња на улици најмалку 6 месеци пред одржување на локални избори. Затоа ваквото брзање, глумење демократија, игнорирање апели и поминување претходно зацртани предлози е во служба на предизборието и на создавањето меѓунационална криза. Ова треба да престане веднаш.“ – велат од Сојузот.
На 11 февруари Сојузот на борците од НОБ и граѓаните-продолжувачи од Тетово поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката на Советот на Општина Тетово од 2007 година, која се однесува на промена на имиња на улици, а што не беше прифатена од Владата.





