Францускиот претседател Емануел Макрон свика итен состанок на европските лидери денеска во Париз за да се договори ставот за мировните преговори за Украина.
На состанокот присуствуваат лидерите на Германија, Италија, Полска, Шпанија, Холандија, Данска и Велика Британија, како и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и генералниот секретар на НАТО Марк Руте.
Оваа иницијатива доаѓа по американско-руските преговори, кои ги исклучија европските партнери и Украина од процесот.
Во исто време, американските и руските претставници започнуваат мировни преговори во Саудиска Арабија без учество на Украина и европските земји.
Ваквиот развој на настаните предизвика загриженост кај европските лидери за можна маргинализација на Европа во решавањето на конфликтот во Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изрази недоверба во намерите на Русија и предупреди на малите шанси за опстанок на Украина без континуирана воена поддршка на САД.
Шефот на француската дипломатија рече дека денешниот самит не треба да биде „предраматизиран“, туку дека доаѓа во клучен момент од војната во Украина, додека американскиот претседател Доналд Трамп врши притисок врз Русија и Украина да започнат мировни преговори.
Се очекува и дискусија за воените трошоци. Трамп сака европските земји да издвојуваат 5% од БДП за одбраната, додека моменталната цел на НАТО е 2%.






