Средба Муцунски-Георгиев: Односите со Бугарија се оптоварени со билатерални прашања, очекуваме поддршка

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, на маргините на Минхенската безбедносна конференција се сретна со неговиот колега од Бугарија, Георг Георгиев.



„На средбата се разговараше за поголем број теми, вклучувајќи ги билатералните разлики, блокадата на европскиот пат на државата од страна на Бугарија, како и за положбата на македонското малцинство во Бугарија.
Министерот Муцунски изрази жалење што, наместо развој на добрососедската политика, односите меѓу двете земји остануваат оптоварени со билатерални спорови, кои станаа непринципиелна пречка на македонскиот евроинтегративен процес.
Притоа, тој истакна дека сите отворени прашања треба да се решаваат одговорно, преку дијалог и со взаемна почит и разбирање, бидејќи добрососедските односи покрај другото подразбираат и поддршка за европските интеграции како стратешка определба на државата“, стои во соопштението на МНРНТ.

Министерот Муцунски на средбата го отворил и прашањето за почитување на правата и слободите на припадниците на македонското малцинство во Бугарија и ја нагласи потребата од спроведување на одлуките на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП).