Пацоли: Косово нема да разговара за размена на територија

Косовскиот министер за надворешни работи Беџет Пацоли на „Твитер“ одговори на вчерашната изјава на српскиот шеф на дипломатијата Ивица Дачиќ дека Приштина би разговарала за можноста за поделба на Косово и на наводите на некои српски политичари дека е можна размена на северно Косово за јужна Србија.



Приштина никогаш нема да разговара со Белград за можноста за размена на територија вели Беџет Пацоли кој на Твитер напиша дека двете страни„”мора да разговараат за нормализирање на односите и меѓусебното признавање“, објави Радио телевизија на Косово на српски јазик.

„Косово нема, ниту никогаш нема да разговара со Србија за размена на територии или идеи за поделбата што остануваат во главите на политичарите во Белград од 1990-тите“, напиша Пацоли, како што пренесуваат српски медиуми.

Пацоли ги повика политичарите „на маса да разговараат за законските обврзувачки договори за нормализирање на соработката и заемно признавање“, пренесе РТК.