Пандов: Има затворски полицајци во Шутка, кои не треба да носат униформа! Ликови во затворите им командувале на своите банди оттаму!

„Дисциплинските постапки против двајцата затворски полицајци од затворот во Шутка, кои му овозможиле телефон на Васил Јованов, што ја прегази Фросина Кулакова на булеварот „Партизански одреди“, се веќе покренати и завршени.“ – информира денеска директорот на Управата за извршување санкции Александар Пандов. Ова го објави ТВ 21.

Телевизијата наведува: Пандов истакна дека по пронајдените телефони кај Васил Јованов, интервентната полиција извршила претрес во притворскиот дел на затворот, при што биле откриени 70 телефони. Контроли биле направени и три дена подоцна, кога повторно биле пронајдени уште 35 телефони. Во дополнителни контроли, извршени во полуотворените и отворените одделенија, биле откриени околу 30 телефони. „По откривањето на телефонот во Шутка веќе следниот ден интервенцијата продолжила. При претресот во притворскиот дел биле пронајдени 70 телефони. Три дена подоцна повторно направен е претрес и откриени се уште 35 телефони. Во понеделникот бевме во Штип и Струмица, но таму најдовме само три телефони.“ – изјави Пандов, додавајќи дека бројките од Шутка го загрижуваат.

Тој упати остри критики за дел од затворскиот персонал во Шутка, нагласувајќи дека некои полицајци, кои работат таму, не треба да носат униформа, бидејќи го срамат целиот затворски систем. Според него, тие треба да бидат избркани и ако се фатат, ќе одговараат.

„Во понеделникот иста таква интервенција имавме во штипскиот затвор и тие беа да направат контрола во затворот во Струмица, каде има отприлика 110 затвореници, а беа најдени само три телефони. Има дел од затворските полицајци, што работат во затворот Шутка, кои не треба да носат полициска униформа и го срамат сиот затворски систем. Треба да им биде јасно дека сите до еден ќе бидат фатени и ќе бидат избркани од работа. Ќе се потрудам со целиот мој авторитет тие да се најдат зад решетки. Во последните акции, кои што ги имавме, се покажа дека одредени ликови, иако се наоѓале во затворите, биле на чело на нивните кланови и банди, со кои командувале одвнатре од затворите.“ – посочи директорот на Управата за извршување санкции Александар Пандов.