Денеска во Порта Македонија во Скопје се одржа конститутивен состанок на Координативното тело за изготвување на програмата за одбележување на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот литературен јазик. На првата конститутивна седница министерот за култура се осврна на почетокот на подготовките за одбележувањето на овој јубилеј, толку важен за Република Македонија и за македонскиот народ. „Конституирањето на ова координативно тело е многу важен чекор за организирање на сите активности, што ќе го одбележат овој значаен јубилеј. Со вашата експертиза, посветеност и соработка, сигурен сум дека ќе создадеме програма, која ќе ја истакне важноста на македонскиот литературен јазик, ќе го прослави неговото наследство и ќе ја претстави неговата современа употреба.“ – рече Љутков.
Наша задача е, како што рече, да организираме настани, изложби, конференции, издавање публикации и други културни активности што ќе го истакнат значењето на македонскиот јазик како носител на културната и националната меморија, но и како живо средство за комуникација, за образование и креативност во денешно време. „Како министер за култура, сметам дека овој јубилеј не е само повод за славење на минатото, туку и важен момент за размена на идеи за иднината на македонскиот литературен јазик. Во текот на овие 80 години, нашиот јазик се развива и осовременува, а ние, како носители на културната политика, имаме одговорност да го негуваме, да го штитиме и да го пренесуваме на идните генерации.“ – рече Љутков.
Тој порача овој јубилеј да биде поттик за нови размислувања за иднината на македонскиот литературен јазик, за неговото место во глобалниот контекст, но и за неговото место и развој во сите области на животот.
Home Македонија Кодификација на македонскиот книжевен јазик, 80 години – формирано координативно тело за...





