Мисајловски на средба на министрите за одбрана на НАТО

Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска во Брисел учествува на средба со неговите колеги од земјите членки на НАТО, на која главни теми се подготовките за Самитот на Алијансата во Хаг во јуни, зголемувањето на трошоците за одбраната, зајакнувањето на трансатлантскиот одбранбен индустриски капацитет, состојбата во Украина и руската кампања за дестабилизирачки активности.



Средбата ќе започне со заседание на Северноатлантскиот совет на ниво на министри за одбрана, по што ќе следи церемонија на потпишување на Писма за намери и Меморандуми за разбирање за мултинационална соработка, јави МИА.

Работниот ручек на министерската средба ќе биде во форма на неформално заседание на Советот НАТО-Украина, на кој ќе присуствуваат и украински министер за одбрана Рустем Умеров и високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и одбранбена политика Каја Калас.

Вчера во пресрет на денешната министерска средба се одржа и состанок на Контакт групата за одбрана на Украина, чиј домаќин беше британскиот државен секретар за одбрана Џон Хили,на кој присуствуваа министри и високи претставници на 50-тина земји, меѓу кои и Мисајловски, како и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте и високата претставничка на ЕУ, Калас.

Клучна точка на агендата на неформално заседание на Советот НАТО-Украина, ќе биде поддршката на Алијансата и нејзините земји членки за Киев.

На ланскиот Самит на НАТО во Вашингтон, сојузниците ветија дека во 2024 година на Украина ќе и дадат 40 милијарди евра одбранбена помош, а досега обезбедија над 50 милијарди евра, од кои над половина доаѓаат од европските земји и од Канада.

Инаку, од започнувањето на руската агресија врз Украина, земјава има донесено 15 одлуки за хуманитарна и воено-техничка помош и поддршка на Украина во одбраната на нејзината независност и територијален суверенитет.