Има рецепт за високите цени во маркетите, експерт за expres.mk открива како до поевтини производи

Веќе подолг период во фокусот на јавноста е темата за незапирливиот раст на цените на сите производи кој деновиве достигнува кулминација со бојкоти на синџирите на маркети во целиот регион.



Во разговор со Владимир Цветиновски консултант за Стратешки Менаџмент expres.mk открива како може да се реши проблемот со огромните цени кои имаат негативно влијание на целата економија.

И додека сите се фокусираат на барање решенија кои се краткорочни, историски се покажало дека не се одржливи а реално, најголем дел од ефектите на овој дијалог се мерки кои ништо не решаваат долгорочно, само креираат привид на решение и повеќе завлегуваат во областа на политички маркетинг, Цветиновски нуди нов пристап.

Според него виновник за тоа што цените дивеат на глобално ниво, се Федералните резерви на САД (FED), кои преку парична емисија вбризгуваат големи количини пари во економскиот систем, главно преку купување на обврзници со кои се покрива буџетскиот дефицит на САД, квантитативни олеснувања (QE) и нереално ниска каматна стапка.

,,Овие пари се „преливаат“ во други земји, особено помалите, преку инвестиции, заеми и трговија, што ги изложува на инфлациски притисоци.

И Европската централна банка (ЕЦБ) и Банката на Јапонија имаат значителен придонес, исто како и зголемувањето на цените на енергенсите како резултат на војната во Украина. Овие политики ги нарушуваат економските рамнотежи на земјите со поголема финансиска дисциплина, создавајќи инфлација и економска нестабилност.

Реално Македонија, како земја која разменува скоро 80% од својот БДП преку овие процеси, никако не може да влијае на нив”, анализира Цветиновски кој потсетува дека за решавање на овој проблем поради кој пред скоро година беше донесен закон за нефер трговски практики беше најавено дека цените ќе паднат најмалку 10%.

Во продолжение е целата анализа на Цветиновски која дава рамка за решение на високите цени во продавниците кое може трајно да го реши овој проблем:

Следуваа не знам колку кошнички со замрзнати цени од повеќе влади, но проблемот и перцепцијата остануваат дека цените и натаму растат. Според мене, вакви мерки не можат да го решат проблемот затоа што тој суштински не е таму, но еве едно размислување како може барем да бидеме сигурни дали е во маркетите и како да помогнеме на обичниот граѓанин да ја најде најдобрата понуда за него.
Суштината за намалување на моќта на малопродажните синџири и ефикасна имплементација на ваквите закони е во транспарентноста, а не во ограничувања и наметнување на забрани, затоа што никој не успеал да го победи пазарот. Притоа, кај многу читатели се креира перцепција дека треба да се ограничи маржата на маркетите. Тоа во пазарна економија не смее да се случи, освен кај високо регулирани пазари (струја, гориво и сл.).
Како позитивен чекор кој ќе ја подобри состојбата предлагам прво воведување на една централна платформа каде ќе се воведе задолжително објавување на ценовници од добавувачите. Основен ефект треба да биде сите трговци да имаат пристап до стоките по еднаква цена:

Сите добавувачи кои работат со трговски синџири се задолжени да објавуваат ценовници на централна платформа управувана од државата или, ако не им смета во деловната политика, на своите веб-сајтови. Секој регистриран купувач (малопродавач, HORECA и сл.) треба исто така да има пристап до платформата.

Ценовникот мора да ги вклучува:
Основните цени на производите.
Скалите на попусти за различни количини (на пример, 100+, 500+, 1000+ парчиња) врз основа на кои че се пресметуваат годишни дополнителни рабати.

Значи доколку некој од купувачите помине од една во друга скала, односно реализира повеќе од количината за која се обврзал, му следи дополнителен попуст кој го остварил, но суштината е попустот да е ист за сите купувачи соодветно на реализираните количини!
Датум на последно ажурирање.

Главна цел: Секоја нарачка во еден ден мора да ја фактурираат кон секого токму по таа дневна цена!
Забранети практики: Забрана на скриени попусти или специјални договори кои не се одразуваат во ценовникот.

Контрола и спроведување: Доколку пазарна инспекција утврди таква пракса која ги нарушува политиките на ценовникот, треба да казнува. Пазарната инспекција проверува и дали годишниот договор меѓу добавувачот и трговскиот синџир е во согласност со објавениот ценовник.

Санкции: Доколку се открие неусогласеност, трговскиот синџир или добавувачот се казнуваат со парична казна. Добавувачите и трговските синџири можат да пријават нерегуларности до пазарната инспекција.

Креирање на Централна платформа:

Е-платформа: Создавање на централна е-платформа каде што сите добавувачи ќе ги објавуваат своите ценовници и до која ќе имаат пристап регистрирани купувачи на кои дозвола ќе им дава Пазарна инспекција, согласно нивната регистрациј. Оваа платформа не треба да биде јавно достапна.

Автоматско ажурирање: Платформата мора да овозможи автоматско ажурирање на ценовниците и евиденција на сите промени.
Може да биде креирана и одржувана од Министерството за дигитална трансформација но треба да е администрирана од Пазарната инспекција.

За имплементација во пракса прво е потребно да се уреди правната рамка за ваков проект, на пример, промена во законот за нефер трговски практики за да се регулираат објавувањето на ценовниците и скалите на попусти. Потоа да се едуцираат добавувачите и трговците за начинот на функционирање на платформата и нивните обврски.

Потребно е да се превиди мониторинг и евалуација каде ќе се следат ефектите од новите правила врз добавувачите, трговските синџири и цените, и ќе се внесуваат подобрувања доколку е потребно.

Тука би додал во однос на регулираните нефер трговски практики лично сметам дека за позиционирање на трговците треба да им се дозволи да наплаќаат надомест затоа што тоа е докажана маркетинг алатка која сериозно влијае на продажбата, додека за влез или пак за маркетинг активности како учество во акции не, затоа што тука се користат дополнителни попусти кои веќе ја рушат фер конкуренцијата зависно од големината на синџирот!

Овој предлог нуди структуриран пристап за имплементација на идејата, со јасни регулативи и практични чекори за спроведување. Со правилно планирање и соработка меѓу сите засегнати страни, оваа мерка може да ги заштити добавувачите, да осигура фер конкуренција и да ја зголеми транспарентноста на пазарот.

Но, нас не интересираат пониски цени за потрошувачите? Каде е тоа овде?

Воведувањето на обврска за трговските синџири да ги објавуваат цените на своите веб-сајтови, комбинирано со создавање на централен портал за споредба на цени, би имало огромни придобивки за потрошувачите, добавувачите и пазарот како целина. Ова би ја зголемило транспарентноста, фер конкуренцијата и ефикасноста на пазарот. Еве како би изгледала целосната идеја, вклучувајќи ги сите фази и улогата на Министерството за дигитална трансформација:

Како би се имплементирала идејата:
Фаза 1: Задолжително објавување: Секој трговски синџир со над два објекти е задолжен да ги објавува цените на сите производи на својот веб-сајт.

Формат на податоци: Цените мора да бидат објавени во стандардизиран формат (на пример, CSV, JSON или XML) за лесно интегрирање со централниот портал.

Ажурирање: Цените мора да се ажурираат редовно (на пример, еднаш дневно или во реално време при промени), а за тоа најдобро е да имаат напреден систем каде цените ќе се повлекуваат директно од нивните ценовници во ERP системите.

Фаза 2: Создавање на централен портал за споредба на цени. Министерството за дигитална трансформација би можело да биде задолжено за создавање и одржување на централниот портал.

Функционалности на порталот:

Агрегација на цени: Автоматско собирање на цени од веб-сајтовите на трговските синџири.
Споредба на цени: Потрошувачите можат да ги споредат цените на истите производи низ различни синџири.

Пребарување и филтрирање:

Потрошувачите можат да пребаруваат производи по категорија, бренд или цена.

Мапирање на локации:

Прикажување на најблиските објекти каде што се нуди производот по најниска цена.
Известување за нерегуларности: Потрошувачите можат да пријават нерегуларности (на пример, неусогласеност меѓу објавените и реалните цени) до надлежниот орган, во овој случај Пазарната инспекција. Секако мора да има строги санкции за трговците кои не ги почитуваат правилата.

Бенефитот за потрошувачите е јасен, ќе имаат јасна прегледност на цените, што ќе ги заштити од преплаќање. Од друга страна, маркетите ќе можат да водат соодветна ценовна политика, потикнувајќи ја конкуренцијата не само на основа на цените, туку и со поинтензивни маркетинг алатки, како лојалти програми и слично.

Овој систем, заедно со претходниот каде преку централната платформа се регулира транспарентноста со добавувачите, ќе ги притисне трговските синџири да нудат конкурентни цени и ќе осигури фер услови на пазарот.

Дополнително, потрошувачите ќе можат брзо и лесно да ги споредат цените, што ќе ги заштеди време и пари. Исто така, овој систем ќе ги потикне малите трговци кон групирање за да можат да се натпреваруваат со големите синџири преку транспарентни цени.

Треба да се има предвид дека создавање и одржување на ваков портал чини значителен износ и истиот треба редовно да се финансира. Најсигурен извор е, секако, буџетот, иако иницијално, за развој на идејата би можеле да се обезбедат средства и од меѓународни донори, па дури и од самите трговски синџири во рамки на нивните програми за општествена одговорност. Може да се постави, но и клучно е кој ќе го одржува.

Затоа предлагам ова да биде една од ингеренциите на Министерството за дигитална трансформација, кое би играло клучна улога во спроведувањето на овој проект, кој би бил економски и социјално корисен за целото општество, вели во својата анализа Владимир Цветиновски Консултант за Стратешки Менаџмент.