Групи за човекови права што го застапуваа Халид ел Масри пред американските државни институции ги критикуваат САД што не му се извинија на германскиот државјанин со либанско потекло за мачењето од ЦИА откако тоа го стори Македонија.
„Додека го поздравуваме официјалното извинување од Македонија, тоа е само првиот чекор во откривањето на целата вистина за незаконското киднапирање и тортура на Ел Масри. Тоа е, исто така, остар потсетник за целосниот неуспех на Америка да ги повика на одговорност сопствените службеници за сериозни прекршувања на американските и на меѓународните закони, што е важно за спречување такво нешто повторно да се случи. Ел Масри заслужува правда и ништо помалку од целосна и транспарентна истрага за оние кои се одговорни за надгледување и спроведување на програмата за измачување и предавање на ЦИА. Тој, исто така, заслужува официјално извинување и компензација, за да му се помогне нему и на неговото семејство да ги обноват своите животи“, изјави Џамил Даквар, директор на Американска унија за граѓански слободи (АЦЛУ), која го застапуваше Ел Масри во САД.
Македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров на 26 март му испрати официјално извинување на Ел Масри во името на Владата на Република Македонија за неговото грабнување и нелегално држење 20 дена од македонските безбедносни сили во 2003 година, по што ѝ го предале на ЦИА. Американската разузнавачка агенција потоа го однела на непозната локација во Авганистан, каде што го измачувала четири месеци пред да утврди дека тој не е виновен, по што го вратила во Европа и го оставила на пат во Албанија среде ноќ.
Во 2012 година Европски суд за човекови права пресуди дека Македонија ја прекршила Европска конвенција за човекови права и одреди отштета од 60.000 евра за Либанецот со германски пасош, кои македонската Влада му ги исплати.





